Пожар кај Блаце го блокира сообраќајот за камиони, воведени пренасочувања за автомобили

Поради голем пожар кој избувна над магистралниот пат А4 Скопје – Блаце, во близина на тунелот, сообраќајот во овој дел е пренасочен. Пожарот се проширил над патот, поради што МВР воведе посебен режим на движење на возила и целосно го прекина сообраќајот за товарните моторни возила.

За патничките моторни возила, сообраќајот од Граничниот премин Блаце кон Скопје се пренасочува преку селото Горно Блаце, по стариот пат преку селата Бањани и Глуво, сè до Скопје, соопшти МВР.

Во обратен правец, од Скопје кон Блаце, патничките возила се насочуваат по регионалниот пат Р2239, преку селата Бразда, Глуво и Горно Блаце.

Надлежните апелираат до возачите да бидат претпазливи и да го следат поставениот сообраќаен режим и упатствата на полицијата. Дополнителни информации за нормализација на сообраќајот ќе бидат објавени по стабилизирање на ситуацијата со пожарот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни