Со вода од црево ги одржувал децата во живот додека горела „Пулс“

Сведок на трагедијата во Кочани раскажа како со импровизирано прскање им помогнал на малолетници да дишат додека пожарот беснеел, на денешното судење во Идризово.

Дејан Николов, сопственик на авто-лимарски сервис лоциран веднаш до дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска сведочеше пред Основниот кривичен суд Скопје за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Николов бил присутен во објектот кобната ноќ и опиша хаотични сцени по избувнувањето на пожарот. Како што известува Мета.мк, тој раскажал дека во моментот кога забележал чад, прекин на струја и паника меѓу присутните, сфатил дека станува збор за сериозна опасност.

„Ги видов децата како се фаќаат за решетките, врескаа. Пробав да ги смирувам, а потоа одлучив да ги прскам со вода. Ми велеа: ‘Чичко, прскај повеќе, поубаво дишеме’“, изјави Николов пред судот.

Тој посочи дека го зел најблиското црево и почнал да прска кон вентилациониот простор, додека заедно со други лица се обидувале да скршат прозорци од женскиот тоалет, од каде што се слушале повици за помош.

Според неговото сведочење, пожарникарите пристигнале релативно брзо и продолжиле со спасувачките активности. По завршувањето на интервенцијата, Николов заедно со својот син и негов пријател се повлекле во авто-сервисот за да се соземат.

„Децата беа во шок. Им направив раствор од сода бикарбона и шеќер, зашто беа видно потресени“, додаде тој.

На почетокот на денешното рочиште, сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата. Следното судско рочиште е закажано за 29 декември.

Во меѓувреме, родителите на загинатите изразуваат сомнежи дека токсиколошките анализи за причините за смрт не се целосни. Александар Наунов, татко на загинато девојче и претседател на здружението „16 Март 2025“, изјави дека постојат сомнежи за можно присуство на цијанид, што, според него, не било целосно утврдено во досегашните форензички извештаи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни