Пожар во Швајцарија: Конобар кој славел со прскалка можен причинител на трагедијата?

Најмалку 40 загинати и околу 100 повредени во ноќен пожар во бар во Кран-Монтана, истрагата ги проверува изјавите на сведоците

На новогодишната ноќ, стравичен пожар го зафати популарниот бар „Le Constellation“ во швајцарското скијалиште Кран-Монтана, оставајќи зад себе најмалку 40 загинати и околу 100 повредени лица, од кои дел се во критична состојба.

Додека истрагата сè уште трае, сведоштвата на преживеаните укажуваат на трагичен синџир на настани кои потсетуваат на настаните од трагедијата во Кочани – славеничка атмосфера, прскалки и опасна близина до лесно запалив плафон.

Сведоштва за почетокот на пожарот

Повеќе сведоци наведуваат дека огнот избувнал за време на забава во подрумскиот дел од барот. Еден од преживеаните изјавил за францускиот информативен канал BFM дека пожарот започнал кога конобар се качил на рамениците на свој колега.

„Држеше роденденска свеќа или прскалка и раката му беше многу блиску до плафонот. За неколку минути, целиот плафон беше во пламен“, изјавил сведокот.

Друга сведокинка, Ема, смета дека огнот дополнително се проширил поради шишиња шампањ со прикачени таканаречени римски свеќи.

„Некои од тие шишиња беа премногу блиску до плафонот, кој брзо се запали. Пламенот се ширеше неверојатно брзо – за неколку секунди сè беше во оган. Истрчавме надвор, луѓето врескаа и плачеа“, раскажа таа.

Паника и смртоносен излез

Пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ. Според сведоштвата, единствениот излез од подрумскиот дел на барот бил тесно и стрмно скалило. Кога избувнал огнот и настанала паника, токму тоа скалило се претворило во смртоносна замка.

Слично сведоштво дала и Викторија, која преживеала.

„Целиот плафон гореше. Прозорците беа црни од чад. Некои луѓе ги кршеа прозорците за да влезе воздух. Паниката беше огромна“, изјави таа, додавајќи дека смета оти голем број жртви се задушиле од чадот.

Истрагата е во тек

Директорот на полицијата на кантонот Вале, Фредерик Гислер, потврди дека пожарот избувнал во подрумскиот дел и дека дошло до масовен стампедо на скалите.

Тој изјави дека, засега, се исклучува можноста за терористички напад или намерно подметнување пожар.

„Веќе започнавме со идентификација на жртвите и известување на семејствата, но поради сериозните изгореници, тоа ќе биде долг процес. Во овој момент е прерано да се зборува за конечни бројки. Скршени сме“, изјави Гислер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни