Стравичниот пожар во Кран-Монтана: бројот на жртви може да расте, сведоштва упатуваат на прскалки на шишиња шампањ

Околу 100 повредени се во критична состојба, меѓу идентификуваните жртви и 17-годишен италијански спортист; властите сè уште не го утврдиле официјалниот причинител

Стравичниот пожар што го зафати барот Le Constellation во швајцарското скијалиште Кран-Монтана може да има уште потешки последици, предупредуваат локалните власти. Според првичните информации, околу 100 лица се во критична состојба, а бројот на загинати би можел дополнително да се зголеми.

Стефан Ганзер, шеф на безбедноста на кантонот Вале, изјави за француското радио RTL дека состојбата на голем дел од повредените е исклучително сериозна. „Бројот на загинати е застрашувачки и, за жал, може да расте“, изјави Ганзер.

Сопствениците преживеале, но со повреди

Француските медиуми објавија дека сопствениците на барот биле присутни во локалот кога избувнал пожарот. Тие преживеале, но сопственичката се здобила со изгореници на раката и е згрижена во болница.

Идентификувана првата жртва

Меѓу првите официјално идентификувани жртви е 17-годишниот италијански голфер Емануеле Галепини. Веста ја соопшти Италијанската голф федерација, изразувајќи длабоко жалење за смртта на „млад спортист кој ја отелотворуваше страста и вистинските вредности на спортот“.

„Во овие моменти на голема тага, нашите мисли се со неговото семејство и сите кои го сакаа“, соопштија од федерацијата.

Сведоштва: „Целиот плафон беше во пламен за неколку секунди“

Сè повеќе сведоштва од присутните во барот укажуваат на можен, но сè уште неофицијален, причинител на пожарот. Девојка од Милано раскажувала дека сцените биле хаотични: „Луѓето трчаа, врескаа и плачеа. Едно момче ми рече дека видел пекол – нешто што никогаш нема да го заборави.“

Друг сведок кој бил заробен во зградата, изјави за AFP дека морал да скрши прозорец за да избега. Тој додаде дека непосредно пред пожарот, конобарките носеле шишиња шампањ со прикачени прскалки, кои биле премногу блиску до плафонот.

Слични изјави дале и две Французинки за BFMTV. Тие велат дека веруваат оти пожарот започнал кога на неколку шишиња шампањ биле поставени „роденденски прскалки“. „За неколку секунди целиот плафон беше во пламен, огнот се ширеше неверојатно брзо“, изјавиле тие.

Истрагата е во тек

Надлежните служби засега не објавиле официјална причина за пожарот. Истрагата продолжува, а идентификацијата на жртвите се одвива бавно поради сериозноста на повредите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни