Властите објавија дека истрагата за катастрофалниот пожар во стамбениот комплекс Wang Fuk Court, во кој загинаа најмалку 146 луѓе, открила сериозни пропусти во противпожарната заштита. Материјалите што биле користени за покривање на скелите на зградите во реконструкција не ги исполнувале минималните стандарди, што овозможило брзо и неконтролирано ширење на огнот.
Трагедијата го потресе Хонг Конг и предизвика масовен бран солидарност, но и зголемени критики кон властите, кои истовремено ги засилуваат мерките против јавните реакции и обвинувањата за негрижа.
Како избувнал пожарот – и зошто станал неконтролив
Пожарот започнал во средата на долниот дел од заштитната мрежа што ја обвиткувала една од зградите во комплексот. Пламенот брзо навлегол во внатрешноста, откако се запалиле пенасти панели на прозорците, кои експлодирале и дополнително го засилиле огнот.
Силен ветер го пренесувал пламенот од еден на друг стамбен блок, па за кратко време седум од осумте згради со по 31 кат биле опфатени со пожар. Гаснењето траело до петок.
Првичните тестови покажале дека материјалите на скелата се усогласени со прописите. Но откако истражителите собралe дополнителни 20 примероци од повисоките катови — делови кои биле недостапни за време на пожарот — се покажало дека седум примероци не ги исполнуваат противпожарните стандарди.
Главниот секретар на Хонг Конг, Ерик Чан, изјави дека наодите укажуваат на користење на поевтини, неусогласени материјали со цел зголемување на профитот: „Се обиделе да заштедат на сметка на човечки животи.“
Секретарот за безбедност, Крис Танг, појасни дека целосната проверка не била можна додека пожарот бил активен, што довело до нови откритија по пристапувањето до повисоките катови.
Солидарност и длабока човечка трагедија
Помеѓу импровизираните спомен-мeста пред запалените згради, граѓаните секојдневно оставаат свежо цвеќе, пораки и свеќи. Досега се собрани 900 милиони хонконшки долари, или околу 115 милиони американски долари, за поддршка на погодените семејства.
Становите во Wang Fuk Court биле дом на околу 4600 луѓе, а само една зграда останала недопрена. Екипите за идентификација на жртви во текот на викендот пронашле уште 30 тела, со што бројот на загинати се искачи на 146. Околу 100 лица се водат како исчезнати, а 79 се повредени.
Властите започнаа детална проверка на сите осум кули, вклучувајќи ја и зградата каде што пожарот започнал. Средствата од донациите, плус 300 милиони хонконшки долари обезбедени од владата, ќе бидат наменети за обнова на домовите и долгорочна помош.
До понеделник, 683 лица биле сместени во хотели и хостели, 1144 во привремени станбени единици, а отворени биле и два итни центри.
Предупредувања што биле игнорирани
Комплексот бил целосно покриен со бамбусови скелиња обвиени со најлонска мрежа, додека прозорците биле заштитени со полистиренски плочи — комбинација која може да биде високо запалива доколку не ги исполнува стандардите.
Според Хонгконшкиот завод за труд, жителите веќе цела година предупредувале на ризици, а инспекторите извршиле 16 надзори од јули 2024 година наваму, при што повеќепати писмено ги предупредиле изведувачите да ги почитуваат прописите. Последната контрола била извршена само една недела пред пожарот.
Антикорупциската комисија досега уапси 11 лица, меѓу кои директори на градежна компанија и нивен консултант, под сомнение за корупција, занемарување на прописите и злоупотреба на службена должност.
Политичка затегнатост и ограничување на критиките
Истрагата доби политичка димензија, откако се поставија прашања за тоа дали и државниот апарат носи дел од одговорноста. Според политичкиот аналитичар Жан-Пјер Кабестан, многу граѓани сметаат дека владата треба да одговара за пропустите, додека просторот за критика станува сè поограничен.
Властите ги отфрлија „гласините“ за наводно погрешни интервенции на пожарникарите или за тоа дека преживеаните плаќале по 8000 долари за хотелски сместувања. Секретарот Танг најави апсења за „ширење дезинформации“.
Во саботата, Бирото за национална безбедност објави изјава дека „злонамерни актери ја користат трагедијата за да создадат хаос“, без да наведе конкретни докази. Истовремено е уапсен маж кој покренал онлајн петиција за одговорност на властите, а уште две лица биле уапсени во неделата.
Кабестан додава дека властите се однесуваат „сè повеќе како оние во копнена Кина“, превентивно ограничувајќи протести и јавни критики — нешто што се интензивира по масовните протести во 2019 година.
