Драма во Глазгов: огромен пожар проголта историска зграда

Историска зграда во Глазгов се урна по голем пожар во близина на најпрометната железничка станица во Шкотска.
Screenshot

Голем пожар избувна во близина на една од најпрометните железнички станици во Шкотска, при што историска зграда во Глазгов беше зафатена од пламен и делумно се урна.

Десетици пожарникари интервенирале на улицата Union Street нешто пред 16 часот во неделата, откако огнот избувнал на приземјето на четирикатна деловна зграда.

Драматични фотографии покажуваат големи портокалови пламени јазици како се издигнуваат околу куполата на објектот, додека кран со воден млаз се обидува да го стави пожарот под контрола.

Пожарникарските екипи користеле специјализирана опрема за справување со огнената стихија. Засега нема информации за повредени лица.

Голема интервенција на пожарникарите

Според Шкотската служба за пожар и спасување, на врвот на интервенцијата биле ангажирани 18 противпожарни возила и специјализирана опрема, вклучително и три возила со високи платформи.

И по десет часа од избувнувањето, пожарот сè уште не бил целосно изгаснат.

Во видеа кои кружат на социјалните мрежи, а кои ги верификува CNN, се гледа густ чад како излегува од влез на продавница во близина. Едно лице накратко се обидува да го изгаси пожарот со противпожарен апарат, пред да биде оттурнато од луѓето околу него.

Затворена железничката станица

Поради пожарот, железничката станица Glasgow Central е привремено затворена, што предизвика големи нарушувања во железничкиот сообраќај низ Велика Британија.

Станицата има редовни линии низ целото Обединето Кралство, вклучително и директни врски со Единбург и Лондон.

Шкотскиот премиер Џон Свини изрази загриженост за пожарот и им се заблагодари на спасувачките служби за нивната интервенција.

„Ве молам следете ги упатствата за сообраќај, избегнувајте ја областа и останете безбедни“, порача тој.

Историска железничка станица

Glasgow Central е една од најважните железнички станици во Шкотска. Изградена е во 1873 година и се смета за најпрометната станица во земјата.

Првично била отворена со осум перони како дел од инфраструктурното проширување на градот, во период кога Глазгов доживувал брз раст поради индустријализацијата и развојот на бродоградбата на реката Клајд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни