Во местото Губашево, во близина на градот Забок во Хрватска, синоќа на 12 декември, околу 23 часот, избувна голем пожар во објект на компанијата CIAK, која се занимава со складирање и третман на опасен отпад. Во гаснењето учествуваа повеќе противпожарни екипи, а во еден момент на теренот биле ангажирани над 60 пожарникари.
Компанијата CIAK во оваа индустриска зона располага со хали и погон за рециклирање акумулатори. Претседателот на Противпожарната заедница, Стјепан Скулибер, за порталот Zagorje.com потврди дека пожарот бил локализиран околу 2:30 часот по полноќ.
„Пожарот сè уште не е целосно изгаснат, но е под контрола. На терен останаа седум пожарникари со три возила, а во текот на утрото се очекува и смена на екипите. Потоа ќе се пристапи и во самиот објект за догасување, бидејќи досега пожарот се гаснеше однадвор“.
Поради потенцијалната опасност, околу 3:30 часот по полноќ, жителите на Загорје беа разбудени од итна порака преку системот HR112 ALERT. На мобилните уреди на граѓаните се појави предупредување за пожарот во CIAK во Забок, со препорака да се затворат прозорците и да не се приближуваат до местото на пожарот. Пораката беше испратена на англиски и германски јазик, а преку СМС и на хрватски јазик.
„Пожар во складиште на CIAK во Забок. Затворете ги прозорците и не се приближувајте до местото на пожарот. Следете ги упатствата на надлежните служби“, стоеше во пораката на Дирекцијата за цивилна заштита на Република Хрватска.
Откако пожарот беше ставен под контрола, фокусот на надлежните служби е насочен кон квалитетот на воздухот во поширокото подрачје. Претседателот на Противпожарната заедница на Крапинско-загорската жупанија потврди дека експерти од Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ извршиле мерења на квалитетот на воздухот на самото место, како и во Забок, Орославје и Велико Трговиште.
Резултатите од мерењата се очекуваат во текот на денот и ќе бидат официјално соопштени од градоначалничката на Забок, Валентина Ѓурек, која синоќа беше присутна на местото на настанот. Таа изјави дека дел од горната конструкција на објектот веќе е урната, но дека во тој момент сè уште немала прецизни информации за обемот на штетата.
