Грција повторно се соочува со сериозни шумски пожари, кои утрово зафатија делови од островите Закинтос, Кефалонија и регионот околу градот Воница во западниот дел на земјата. Локалните власти реагираа со итни мерки, испраќајќи предупредувања и наредби за евакуација преку националниот систем за итни случаи.
На островот Закинтос, пожарот се прошири во јужниот дел, каде што две села беа евакуирани. Во гаснењето се вклучени 20 пожарникари со девет противпожарни возила, како и воздушна поддршка од два авиона и еден хеликоптер. Се разгледува можноста за дополнително засилување на екипите.
Кефалонија се разбуди со огнени јазици во југозападниот дел на островот. Таму се ангажирани околу 60 пожарникари, три пешадиски тима, 17 возила, четири авиони и еден хеликоптер, а поддршка даваат и општинските цистерни. Жителите на три села добија порака за итна евакуација.
Во близина на Воница, пожарот се шири со голема брзина, а на терен се 85 пожарникари, три пешадиски тима и 27 возила. Од воздух интервенираат девет авиони и еден хеликоптер.
Министерството за цивилна заштита и климатски кризи предупредува дека денеска постои многу висок ризик од нови пожари на островите, особено во Атика, Халкидики, западна Грција, Пелопонез, Евија, северниот дел на Егејското море и североисточните региони.
Грција секое лето се соочува со сериозни шумски пожари, предизвикани од високите температури, сушата и силните ветрови кои ја прават земјата особено ранлива во летниот период. Огнените стихии често зафаќаат големи површини на копното и островите, предизвикувајќи евакуации, материјални штети и еколошки последици. И покрај засилените превентивни мерки и мобилизацијата на противпожарните служби, летото останува критична сезона во која природата и населението се под постојана закана од пожар.