Од студиото велат дека им е „искрено жал“ за доцнењето, но тврдат дека им треба повеќе време за да ја довршат играта според високите очекувања на фановите.
По месеци трачеви, ликови и интернет теории, потврдата за доцнењето не беше неочекувана. Единствениот официјален трејлер беше објавен во декември 2023 година, и тоа предвреме – откако видеото протече онлајн. Од тогаш, Rockstar остана тивок, оставајќи простор за шпекулации и сомнежи дека нешто не оди според планот. Сега, фановите ќе мора да почекаат уште една година – и тоа ако нема ново одложување.

Во меѓувреме, Rockstar продолжува да го одржува стариот хит GTA V, кој е првпат објавен во 2013 година. За овие 11 години, играта беше префрлена на речиси сите можни конзоли и платформи, и продадена во над 190 милиони копии. GTA V не само што стана втората најпродавана игра во историјата (по Minecraft), туку и успеа да остане релевантна преку редовни апдејти и онлајн мултиплеер компоненти.
Новиот GTA ќе нè врати во Vice City – измислен град инспириран од Мајами – и ќе следи двојка криминалци: Лусија, првата женска главна хероина во серијалот, и нејзиниот партнер, за кој се шпекулира дека се вика Џејсон. Играта ќе има модерен амбиент, со критички прикази на американската култура, интернет лудости и популарни феномени како „Florida Man“. Се очекува огромна, детална мапа која ќе се шири со нови мисии и содржини по издавањето.