Апелациониот суд во Нови Сад го укина решението на Високиот суд, со кое беше одбиен предлогот за одредување притвор за поранешниот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ.
Судот ја уважи жалбата на Високото јавно обвинителство (ВЈО) во Нови Сад и предметот го врати на првостепениот суд за повторно одлучување, пренесува Телевизија N1.
Високиот суд во Нови Сад на 31 декември 2024 година донесе решение со кое, во однос на обвинетиот Горан Весиќ, како и на Анита Димоски и Јелена Танасковиќ, беше одбиен предлогот за одредување притвор.
„На обвинетите Димоски и Танасковиќ им е продолжена мерката забрана за напуштање на домот. Во однос на обвинетите Небојша Шурлан, Слободан Наумовиќ, Љиљана Милиќ Марковиќ, Марина Гавриловиќ, Дејан Тодоровиќ, Милан Јелкиќ, Зорица Славковиќ Марјановиќ, Душан Јанковиќ, Милан Спремиќ и Јасна Стоиљковиќ Милиќ, усвоен е предлогот на ВЈО и им е продолжен притворот,“ стои во тогашното соопштение.
Високото јавно обвинителство во Нови Сад на 30 декември поднесе обвинение против 13 лица, вклучувајќи го и поранешниот министер за сообраќај Горан Весиќ и поранешната директорка на „Инфраструктура железници на Србија“ Јелена Танасковиќ, поради падот на настрешница на влезот во Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица.