Повторна ерупција на вулкан во Индонезија – облаци од пепел достигнаа 1,2 километри височина

На истокот на Индонезија повторно еруптираше вулканот Левотоби Лаки-Лаки, исфрлајќи густи облаци од пепел кои достигнаа височина од 1,2 километри. Властите веднаш го подигнаа нивото на тревога на највисоко.

Вулканот, кој се наоѓа на туристичкиот остров Флорес, започна со ерупција ноќта после полноќ, соопшти индонезиската Агенција за вулканологија. Неколку часа подоцна, во 9:36 часот, следуваше уште една ерупција.

Властите во неделата вечерта веќе го прогласија највисокото ниво на тревога за овој активен вулкан со два врва и висина од 1.584 метри.

„Визуелните и инструменталните анализи покажуваат дека активноста на вулканот Левотоби Лаки-Лаки останува висока“, соопшти геолошката агенција, предупредувајќи дека постои ризик од „уште посилна ерупција“.

На жителите од околните населби им е препорачано да носат заштитни маски поради пепелта, а на туристите им е забрането да се приближуваат на помалку од шест километри од кратерот.

Исто така, постои ризик од свлечишта во случај на силни врнежи, особено во заедниците лоцирани покрај реките што извираат од самиот врв на вулканот.

Левотоби Лаки-Лаки и претходно беше активен – последната сериозна ерупција во ноември одзеде девет животи и предизвика откажување на десетици меѓународни летови. Илјадници луѓе беа евакуирани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни