Лизгави улици, сериозни повреди: како правилно да реагирате по пад

Физиотерапевтите советуваат внимателност на мраз и снег, но предупредуваат дека болката по пад не смее да се игнорира, бидејќи може да укажува на сериозна повреда.
EPA/ROBIN UTRECHT

Со ниските температури, снегот и мразот, лизгавите улици и тротоари стануваат чест ризик за граѓаните. Падовите во вакви услови неретко завршуваат со повреди кои се движат од полесни угнатувања до сериозни скршеници и повреди на ’рбетот. Физиотерапевтите предупредуваат дека ваквите падови често се неконтролирани, што го зголемува ризикот од потешки последици.

Најчестите повреди по пад на лизгав терен се скршеници, ишчашувања, угнатувања, повреди на меките ткива и контузии. Во одредени случаи може да дојде и до таканаречени „трзачки“ повреди на ’рбетот, најчесто во вратниот дел, а поретко и до оштетување на меѓупрешленските дискови. Иако овие повреди не се секогаш веднаш очигледни, физиотерапевтите нагласуваат дека симптомите не треба да се потценуваат.

Превенцијата, според советите, започнува со соодветна обувка со гумен ѓон и стабилно газење, како и со пократки, контролирани чекори при движење по мраз. Но, доколку до пад веќе дојде, најважно е навремено да се препознае сериозноста на повредата.

Физиотерапевтите советуваат дека доколку по падот се појави силна, остра болка, чувство дека „нешто пукнало“ или ако секој обид за движење е проследен со интензивна болка, неопходно е што е можно побрзо да се побара лекарска помош во дежурна здравствена установа. Ваквите симптоми може да укажуваат на скршеница, што дополнително се утврдува со рендгенска снимка.

Кај почестите повреди, како што се угнатувања и ишчашувања, појавата на оток е знак дека има поголемо оштетување на ткивото. Во такви случаи се препорачува ставање ладни облоги (мраз или замрзната храна завиткана во крпа) на секои два часа, по десетина минути. Сепак, ако станува збор за зглобови или делови од ’рбетот, физиотерапевтите предупредуваат дека повредата не смее да се игнорира и дека е потребна стручна интервенција, бидејќи неправилното „чекање да помине“ може да го продолжи и усложни опоравувањето.

Посебен апел се упатува и до граѓаните да не земаат лекови против болка веднаш по повредата. Болката, како што велат физиотерапевтите, е сигнал дека нешто не е во ред и не треба да се „покрива“ со аналгетици без претходна медицинска проценка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни