Производителите се повлекуваат од 8K телевизорите: 4K ја доби трката

LG официјално го стопира производството на 8K телевизори, а иднината на оваа резолуција станува сè понеизвесна.
Modern indoor living room with comfortable sofa ,generative artificial intelligence

Производителите на телевизори очигледно се откажуваат од 8K резолуцијата, а трката за сè поголем број пиксели завршува во корист на 4K. Според FlatPanelsHD, LG официјално го прекинува производството на сите 8K телевизори, со што моделот Z3 од 2023 година останува последниот што компанијата го произведе.

Од LG наведуваат дека станува збор за „привремена пауза“, но пазарот ова го толкува како јасен сигнал дека интересот за 8K е премал за да се оправда понатамошно производство.

8K телевизорите беа значително поскапи од 4K моделите, а во меѓувреме не се појави ниту ТВ-емитување ниту физички формат за 8K содржина. Практично, корисниците можеа да гледаат само надграден 4K материјал, често со технички ограничувања кај HDMI поврзувањето.

Дополнително, истражување од Универзитетот во Кембриџ покажа дека човечкото око вообичаено не може да забележи разлика меѓу 4K и 8K при нормално растојание за гледање телевизија во дневна соба.

Со повлекувањето од 8K, производителите се насочуваат кон подобрување на квалитетот на сликата, а не кон зголемување на резолуцијата. Фокусот сè повеќе е на посветли панели, подлабок контраст, побогати бои и подобра обработка и надградба на содржини со пониска резолуција.

Во моментов, Samsung останува единствениот голем производител што формално сè уште нуди 8K телевизори, иако и таа не најави нови модели во својата постава за 2026 година.

Како и 3D телевизорите пред неколку години, 8K технологијата сè повеќе изгледа како концепт што не успеа да стане масовен производ. Наместо тоа, 4K се наметнува како стандард што, барем засега, целосно ги задоволува потребите на гледачите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни