Повик за учество на млади поети на настанот „Скопје си ти“ од 21 до 24 март

Настани што ја промовираат поезијата ќе се одржуваат од 21 до 24 март во рамки на Денови на поезијата, во организација на ТЦ „Скопје сити мол“, Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, ПНВ Публикации и Култура Бета.

Еден од настаните е и „Скопје си ти“, предвиден за поддршка на младите поети почетници, како што велат организаторите, „за оние што можеби и не објавиле ништо досега, нудејќи им шанса да бидат прочитани, видени и слушнати“.

Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 25 години и да испратат куса биографија и две свои песни на тема „Скопје“ или, воопшто, урбана поезија, во Word документ на мејлот kulturabeta@yahoo.com, најдоцна до 6 март.

Имињата на одбраните поети учесници на настанот ќе бидат објавени на 13 март на фејсбук и на инстаграм-страниците на Култура Бета и ПНВ Публикации. Настанот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“ на 24 март, со почеток од 19:30 часот, се наведува во повикот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни