Десет средни училишта од земјава ќе имаат можност да бидат дел од програмата за позитивна трансформација, насочена кон подобрување на условите и грижата за менталното здравје на нивните ученици. Граѓанската организација „Младите можат“, во рамки на кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“, објави повик преку кој ги повикува сите средни училишта да аплицираат и да станат дел од програмата за подобро ментално здравје. Таа вклучува целогодишен процес на активности со учениците, како и обуки за наставниот кадар, стручните служби и раководството, при тоа опфаќајќи теми како булинг, ефективна комуникација, меѓуврсничко насилство, ослободување од стрес, самодоверба, справување со лутина, итн.
Повикот е отворен до 20 октомври 2024 година, а повеќе информации за начинот на аплицирање и процесот се достапни на следниот ЛИНК.
– Целта на оваа иницијативата е создавање инклузивна училишна средина која активно ги поддржува и охрабрува учениците да зборуваат за своите предизвици и да изградат позитивен став кон себе. Тоа претставува еден вид општествена обврска кон нашите млади. Затоа ги повикуваме училиштата да аплицираат на повикот и на тој начин да покажуваат отвореност за соработка и желба за подобрување на условите за своите ученици. Веруваме дека со оваа кампања ќе постигнеме позитивен импакт на менталното здравје на учениците и ќе ја подобриме нивната општа благосостојба – вели Филип Ивковски, програмски координатор во „Младите можат“.
Училиштата кои ќе се вклучат во кампањата ќе добијат признание во вид на амблем со натпис „Училиште кое се грижи за мене“, кои ќе бидат поставени на видни места во училиштата. Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ има за цел да ја зголеми свесноста и информираноста за важноста на менталното здравје кај младите на возраст од 14 до 18 години.Оваа иницијатива е дел од континуираната посветеност на „Младите можат“ за подобрување на условите за младите и создавање позитивна и поддржувачка образовна средина.