Повик за основање новинарски клубови во училиштата во Македонија

Повик за основање новинарски клубови (секции) во основните и во средните училишта во Македонија објавија Македонскиот институт за медиуми и Младинскиот образовен форум. Клубовите треба да вклучуваат едукативни и практични активности како делод воннаставната програма. Учениците ќе учат како да создаваат веродостојни, објективни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати – текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство.

– Учениците, во координација со наставникот ќе предлагаат и обработуваат теми поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми од интерес на младите. Новинарските клубови треба да се состануваат еднаш во неделата од декември годинава до мај идната година. Со нив ќе раководи еден наставник од училишниот колектив, кој ќе ја организира работата на клубот – велат организаторите.

Наставниците ќе добијат однапред подготвена програма, со насоки и практични вежби што ќе можат да ги реализираат во рамки на новинарските клубови. Програмата ќе ги опфати следните теми: новинарството како професија, жанрови, медиумска писменост, дезинформации, погрешни информации и штетни информации, проверка на информациите и фото-форензика и друго.

На повикот може да аплицираат наставници од средните и од основните училишта кои ќе ги водат новинарските клубови. Тие треба да поднесат формална апликација, со одобрување од училиштето од кое доаѓаат. Рокот за аплицирање е до 23 октомври. Новинарските клубови се реализираат во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Повеќе информации за начинот на аплицирање на линкот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни