Се повикуваат сите млади поети, најдоцна до 10 септември, да се пријават за учество на поетското читање за млади поети и поетеси од домашната книжевна сцена „Отскочна даска“ во рамки на третото издание на Скопскиот поетски фестивал, што ќе се одржи од 24 до 28 септември во кафе-книжарницата „Буква“.
Учесниците треба да се на возраст од 16 до 25 години и да испратат куса биографија и две свои песни на мејлот contact@spf.mk.
‒ Продолжуваме со поддршката за младите поети, за почетниците, за оние што можеби и не објавиле ништо досега, давајќи им шанса да бидат прочитани, видени и слушнати. Како и минатата година, така и оваа, врз основа на испратените песни ние ќе ги избереме учесниците што ќе настапат на поетското читање „Отскочна даска #2“, а тие меѓу себе ќе го одберат најдобриот, односно, ќе изгласаат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на третото издание на СПФ и ќе чита заедно со другите повозрасни и етаблирани поети, соопштија од фестивалот.
Како што најавуваат, имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 17 септември на Фејсбук и на Инстаграм страниците на фестивалот. Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ во МКЦ на 27 септември.
Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура и од ТРАДУКИ, а негови помагатели се Младинскиот културен центар – Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и кафе-книжарница „Буква“.