Повеќе од 6,5 милијарди луѓе, што одговара на 81 отсто од светската популација, во јули оваа година биле изложени на екстремни горештини најмалку еден ден.
Климатските промени предизвикани од човековата активност во јули доведоа до невообичаено високи температури ширум светот, се вели во извештајот објавен од Центарот за клима (Climate Central) со седиште во американската сојузна држава Њу Џерси.
Анализата опфаќа повеќе од 4.700 градови во 200 земји во кои измерените температури биле екстремно високи.
Исто така, беше откриено дека најмалку две милијарди луѓе секој ден го чувствувале ефектот на климатските промени а најмногу луѓе биле изложени на екстремни горештини на 10 јули.

Оние кои живеат во близина на екваторот и на мали острови доживеаја исклучително силно влијание на климатските промени предизвикани од човекот во јулските температури.
870 градови, вклучително и Александрија во Египет, Дака во Бангладеш, Хавана во Куба, Џеда во Саудиска Арабија и Тампа во американската сојузна држава Флорида, имаа најмалку 25 дена јулски горештини.
Во извештајот се истакнува дека илјадници луѓе годишно умираат од причини поврзани со топлината и исто така се нагласува потребата од напори за адаптација како што се акционите планови за топлина за да се намали ризикот од климатските промени предизвикани од човекот.
Нагласено е дека се додека се согоруваат јаглен, нафта и гас, топлотните настани ќе продолжат да бидат почести и поинтензивни.
Извор: N1