Според проценката која ја објавија Обединетите нации, Европската унија и Светска банка, повеќе од 50 милијарди долари (47,8 милијарди евра) ќе бидат потребни за обновата на Газа, која е во голем дел уништена во 15-месечниот конфликт помеѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.
Според брзата проценка на штетите и потребите (IRDNA), за опоравување и реконструкција на Газа ќе бидат потребни 53,2 милијарди долари во следните десет години, а во првите три години ќе треба да се обезбедат 20 милијарди долари, пренесе Ројтерс.
Години на работа за обновата на Газа ќе вклучуваат чистење на неексплодирани мини и милиони тони урнатини.
Извештајот објавен во текот на прекинатото примирје кое започна минатиот месец предупредува дека условите за започнување на големите работи за опоравување и реконструкција на Газа сè уште не се создадени, бидејќи не се знае како ќе се управува со енклавата по завршувањето на војната и какви безбедносни аранжмани ќе бидат на сила.
IRDNA соопшти дека повеќе од 292.000 домови во Газа се уништени или оштетени, како и дека 95 отсто од болниците не функционираат, додека локалната економија е намалена за 83 отсто.
Според проценките, за поправка на штетите на зградите ќе бидат потребни 29,9 милијарди долари, додека 19,1 милијарда долари ќе бидат потребни за надоместување на социјалните и економските губитоци, вклучувајќи здравство, образование, трговија и индустриски сектори уништени во конфликтот.
Израелската кампања во Газа беше започната како одговор на нападот предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени повеќе од 1.200 луѓе, а повеќе од 250 се земени како таоци, според израелски извори.
Според здравствени официјални лица од Газа, во израелската операција загинале повеќе од 48.000 луѓе.