Повеќе од 1.000 лица во потрага по хуманитарна помош убиени во Газа од мај, соопшти Канцеларијата за човекови права на ОН

ОН соопшти дека над 1.000 Палестинци се убиени од мај додека барале хуманитарна помош во Газа, најмногу кај пунктовите на GHF. Израел и изведувачите негираат вина

Во јануари, Израел ја забрани главната агенција на ОН за испорака на помош за Палестинците во Газа, UNRWA, тврдејќи дека агенцијата затвора очи пред членови на Хамас во нејзините редови.

Повеќе од 1.000 Палестинци се убиени од израелските сили од мај додека се обидувале да дојдат до храна во Газа, најмногу во близина на пунктови за помош управувани од контроверзен американски изведувач, соопшти Канцеларијата за човекови права на ОН во вторникот.

Од вкупно 1.054 убиени лица од крајот на мај додека се обидувале да дојдат до храна, 766 биле убиени додека се упатувале кон пунктови раководени од Фондацијата за хуманитарна помош во Газа (GHF), според ОН.

GHF е контроверзна организација. Регистрирана во Делавер и поддржана од Израел, беше основана во февруари за да дистрибуира помош преку четири центри во Газа, заменувајќи го системот на ОН.

Во јануари, Израел ја забрани UNRWA, главната агенција на ОН за хуманитарна помош во Газа, тврдејќи дека има членови на Хамас меѓу персоналот.

Но GHF немала претходно искуство со испорака на помош во зони на конфликти и нејзиниот метод на испорака беше критикуван од веќе етаблирани хуманитарни организации.

Испораките на храна на четирите локации на GHF во Газа често завршуваат со жртви, било поради згмечувања од толпата или поради отворање оган од страна на израелски сили или безбедносни изведувачи блиску до луѓето што чекаат помош.

Тамин ал-Китан, портпарол на Канцеларијата за човекови права на ОН, изјави дека податоците се собрани од „повеќе сигурни извори на терен“, вклучувајќи медицински лица, хуманитарни и организации за човекови права.

Тој додаде дека бројките сè уште се проверуваат според строгата методологија на Канцеларијата.

Сведоци и здравствени службеници од Палестина велат дека израелските сили редовно пукаат кон толпи од илјадници луѓе кои одат кон пунктовите на GHF.

Израелската војска тврди дека испукала само предупредувачки истрели, а GHF вели дека нејзините вооружени изведувачи пукаат само во воздух, и тоа ретко, за да спречат паника и згмечување.

GHF ги отфрли како „лажни и пренапумпани“ статистиките што ги објавија Обединетите Нации.

Очајот расте во територијата со повеќе од 2 милиони жители, за која експертите велат дека се соочува со ризик од глад поради блокадата што Израел ја има воведено на тоа што смее да влезе во Појасот Газа.

Израел ја обвинува Хамас дека краде хуманитарна помош, иако не презентирал докази за широко распространета злоупотреба, и ги обвинува агенциите на ОН дека не успеваат да ја дистрибуираат храната што е дозволена да влезе.

Во вторникот, Министерството за здравство во Газа соопшти дека 15 лица починале од потхранетост во последните 24 часа, вклучувајќи четири деца.

Министерството информира дека вкупниот број на починати од глад во Газа достигнал 101 лице.

Во мај, Израел ја олесни повеќе од двомесечната блокада, дозволувајќи ограничено количество помош да влезе преку стариот систем управуван од ОН и новиот GHF, но хуманитарните организации велат дека тоа е далеку од доволно.

Светската програма за храна на ОН (WFP) изјави дека кризата со глад во Газа достигнала „ново и зачудувачко ниво на очај“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни