Над 2,2 милиони домаќинства, односно 8,4% од сите семејства во Италија, во 2024 година живееле во услови на апсолутна сиромаштија, објави денеска италијанскиот завод за статистика – ИСТАТ. Оваа состојба погодила вкупно 5,7 милиони луѓе, што значи дека 9,8% од вкупното население живеело под прагот на апсолутна сиромаштија.
Овој процент претставува мало зголемување во споредба со 2023 година, кога сиромашните сочинувале 9,7% од населението.
Според податоците, семејствата со барем еден странски државјанин биле најпогодени: 30,4% од нив живееле во апсолутна сиромаштија. За домаќинствата составени исклучиво од странци, стапката достигнува дури 35,2%. Кај семејствата составени само од италијански државјани, тој процент е значително понизок – 6,2%.
Особено загрижува податокот за децата: во апсолутна сиромаштија во 2024 година живееле 1,283 милиони малолетници, што претставува 13,8% од сите лица под 18 години.