Одлуката следи по серија повици од повеќе земји да се исклучи Израел, поради хуманитарната состојба во Газа и критиките за, како што се тврди, неправилности во гласањето. Но, на денешното Генерално собрание на ЕБУ, наместо да се гласа за евентуална забрана за учество, земјите-членки изгласаа пакет нови мерки и регулативи за ограничување на политичкото влијание врз резултатите.
Холандија беше меѓу првите што ја соопшти својата одлука. Националната радиотелевизија Avrotros соопшти дека учеството на Израел „не е во согласност со јавните вредности врз кои почива нашата организација“.
Шпанија, пак, уште во септември одлучила дека ќе се повлече од Евровизија доколку Израел биде дел од програмата. RTVE објави дека нема да ги емитува ни полуфиналето ни финалето.
Ирска радиотелевизија RTE оцени дека „ирско учество е незамисливо“, наведувајќи ја како причина „страшната загуба на животи и продолжената хуманитарна криза во Газа“. Во соопштението се изразува и загриженост за убиствата на новинари во конфликтот и ограничувањето на меѓународниот пристап до територијата.
Организаторите со години се обидуваат Евровизија да ја одржат како деполитизирана манифестација, но светските кризи повторно оставија силен белег. Русија беше исклучена во 2022 година по инвазијата врз Украина, а последните две натпреварувачки години беа обележани со масовни пропалестински протести.
ЕБУ соопшти дека новите прописи треба да донесат „повеќе транспарентност и доверба“, и потврди дека Израел останува во натпреварот.
Земјите-членки имаат рок до средината на декември да го потврдат учеството, а официјалната листа на учесници ќе биде објавена до Божиќ.
Извор: N1info.rs
