Повеќе од сто компании го потпишаа Пактот за вештачка интелигенција на ЕУ

Над сто компании го потпишаа Пактот за вештачка интелигенција на ЕУ, обврзувајќи се доброволно да ги следат неговите насоки пред да станат законски задолжителни, соопшти Европската комисија.

Пактот, кој го потпишаа големи мултинационални корпорации, како и мали и средни европски претпријатија од разни сектори како ИТ, здравство, телекомуникации, автомобилска индустрија и аеронаутика, ги охрабрува компаниите да ги применат принципите од Законот за вештачка интелигенција пред нивната целосна имплементација.

Со ова, потписниците се обврзуваат на создавање стратегија за управување со вештачката интелигенција, идентификување на високоризичните системи и промоција на свеста за вештачката интелигенција меѓу вработените. Дополнително, над половина од потписниците ветиле дека ќе обезбедат човечки надзор, ублажување на ризиците и транспарентност во однос на содржините генерирани од вештачка интелигенција.

Европската комисија ги повикува и другите компании да се приклучат на Пактот, со цел да се подготват за идната законска примена на регулативите. Иако Законот за вештачка интелигенција стапи во сила на 1 август 2024 година, неговата целосна имплементација ќе се спроведе во неколку фази во наредните години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни