Повеќе од еден милион луѓе низ Франција учествуваа на денешните масовни демонстрации, организирани од осум француски синдикати, во обид да се изврши притисок врз новиот премиер во врска со предложените мерки за штедење, соопшти Синдикатот CGT (Се-Же-Те), еден од главните синдикати.
Овој број е повисок од бројот на учесници во последните големи протести против пензиските реформи во јуни 2023 година, кога, според истиот синдикат, се собрале околу 900.000 луѓе.
Владините служби сѐ уште немаат објавено официјални податоци за бројот на демонстранти.
Штрајкови, блокади и судири со полицијата
Штрајковите најмногу го погодија јавниот сообраќај, со застои и блокади, особено во метрото во Париз. Протестите се насочени против владата на Емануел Макрон и нејзиниот предлог за намалување на финансирањето на јавните служби, кои се сметаат за основа на францускиот начин на живот.
Првиот сузавец бил употребен уште пред зори, кога дошло до судири меѓу демонстрантите и полицијата во центарот на Париз.
Во рамки на иницијативата „Блокирај сè“, која се шири преку социјалните мрежи, најавени беа околу 250 собири низ целата земја. Синдикатите го најавија денешниот ден како „црн ден“, со масовни штрајкови и нарушување на работата во училиштата, транспортот и јавните служби.
Зошто протестираат граѓаните и синдикатите?
Синдикатите бараат итно повлекување на предложените буџетски кратења, замрзнување на социјалните давања и други мерки за штедење. Тие предупредуваат дека овие мерки најмногу ќе го погодат ниско платениот работен слој и средната класа, која веќе се соочува со економски тешкотии.
Овие мерки, според синдикатите, веќе беа причина за падот на две претходни влади.
Притисок врз новиот премиер Лекорни
Штрајковите имаат за цел да го зголемат притисокот врз новиот премиер Себастијен Лекорни, кого Макрон го назначи минатата недела. Негова задача е да обезбеди поддршка од парламентот за новите мерки за штедење, поради кои неговите претходници не успеаја да останат на функцијата.
Железничарите во штрајк денеска накратко влегоа во седиштето на Министерството за економија во Париз, по што останал чад во воздухот.
80.000 полицајци и судири низ земјата
Француската влада распореди околу 80.000 полицајци за одржување ред, со наредби да се расчистат блокадите и да се спречат обиди за парализа на движењето на луѓето кои не учествуваат во протестите.
Полицијата во Париз употребила сузавец за растерување на блокадата пред еден автобуско депо уште рано наутро.
Француските медиуми јавуваат за судири во градовите Нант и Лион, каде полицијата се соочила со демонстранти кои фрлале предмети. Министерството за внатрешни работи соопшти дека до средината на денот се уапсени 94 лица низ целата земја.