За овогодишната Нобелова награда за мир поднесени се 338 номинации, соопшти Норвешкиот Нобелов институт, без да ги открие имињата.
Пријавени се 244 поединци и 94 организации, што е големо зголемување во однос на минатогодишните 286 номинации, но сепак помалку од рекордните 376 пријави во 2016 година.
Во согласност со Нобеловиот статут, идентитетот на кандидатите останува таен 50 години. Меѓутоа, илјадници спонзори, меѓу кои пратеници и министри, поранешни добитници, универзитетски професори, можат да го откријат идентитетот на својот кандидат.
Американскиот конгресмен Дарел Иса изјави во понеделникот дека ќе го номинира претседателот на САД, Доналд Трамп, за Нобеловата награда, оценувајќи дека никој друг не ја заслужува толку колку што тој ја заслужува. Канцеларијата на конгресменот потоа образложи дека номинацијата е мотивирана од мирољубивите напори на Трамп на Блискиот Исток.
Меѓутоа, оваа номинација наводно е поднесена по истекот на рокот на 31. јануари.
Пратениците на парламентот на Норвешка изјавиле дека за наградата го предложиле поранешниот генерални секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и папата Франциско.
Минатата година Нобеловата награда за мир ѝ припадна на јапонската група на преживеани од нападот на САД со атомски бомби во 1945 година „Нихон Хиданкјо“ за нивната борба за свет без нуклеарно оружје и затоа што со своето сведочење покажаа дека нуклеарното оружје не смее да се користи никогаш повеќе.