Повеќе од 200 училишта во Словенија добиле заканувачки пораки за бомби

Вчера, на 27 јануари 2025 година, над 200 основни и средни училишта, како и градинки ширум Словенија, добиле идентични заканувачки пораки за поставени бомби преку своите е-пошти.

Училиштата веднаш ја известиле полицијата, која проценила дека ризикот е низок. „Заканата не беше насочена кон конкретна образовна установа, ниту беше прецизирано место или време за наводниот настан“, изјави Примож Огринц, началник на Одделот за тероризам и екстремно насилство при Општата управа на полицијата.


Се работело за генерализирани пораки испратени во различни делови на земјата, па полицијата уште утрото информирала дека „нема причина за паника и вознемиреност“.

Заканувачката порака, испратена од непознат испраќач со псевдоним „Борец“, започнувала со зборовите: „Во училиштето е поставена експлозивна направа.“ Како што објасни Огринц, пораките биле испраќани од различни IP адреси во различни периоди.

„Образовните установи веднаш ја известија полицијата, која ги презеде сите неопходни мерки за заштита на децата и вработените. Согласно протоколот, беше формирана работна група која процени дека степенот на загрозеност е низок. Истовремено беше известено и Министерството за образование. Според досегашните податоци, закани примиле околу 229 училишта“, истакна Огринц.

Во истрагата било утврдено дека пораките стигнале на повеќе од 800 различни приматели. „Полицијата проверува секоја пријава и собира докази“, додаде тој. Во моментов, истрагата е насочена кон кривичното дело предизвикување јавна опасност.

Непознатиот испраќач, освен заканите за бомби, споменал и „потонување на Европа“ и „одмазда“. Слични пораки во минатото се појавиле и во други европски земји.

„Изминатите недели вакви пораки беа испраќани и во училишта во странство, така што сигурно ќе соработуваме со колегите од Европа во истрагата“, изјави Огринц.

Сличен инцидент неодамна беше забележан во Унгарија и други европски земји. Целта на ваквите пораки е предизвикување паника, а полицијата очекува дека вакви инциденти ќе продолжат и во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни