Повеќе од 1 милион слободни работни места во Германија: Кои земји во Европа имаат нудат најмногу работа?

Европа се соочува со недостиг од работна сила — Германија има над 1 милион слободни работни места, а Франција и Обединетото Кралство стотици илјади. Каде е побарувачката најголема и кои земји имаат највисоки стапки на празни работни места?

Во Германија има над 1 милион слободни работни места, 750.000 во Обединетото Кралство, и 500.000 во Франција. Euronews Business ги анализира стапките и бројките на слободни работни места низ Европа.

Невработеноста и недостигот на работна сила се сериозен предизвик низ Европа. Според проценките на Eurostat, околу 13,1 милиони луѓе биле невработени во ЕУ во мај оваа година.

И покрај тоа што Европската комисија воведе низа политики за справување со проблемите поврзани со вработувањето и социјалните прашања, милиони работни места и понатаму остануваат празни. Во вториот квартал на 2025 година, во Германија има над 1 милион отворени работни позиции, а во Франција – половина милион.

Што претставува слободно работно место?

Слободно работно место е платена позиција која е новоотворена, непополнета или набргу ќе стане слободна. Според Eurostat, тоа значи дека работодавецот активно бара соодветен кандидат однадвор. Позицијата може да се пополни веднаш или во одреден временски рок.

Стапката на слободни работни места (Job Vacancy Rate – JVR) се пресметува врз основа на бројот на слободни и пополнети позиции, при што се прикажува вкупната побарувачка. На пример, стапка од 3% значи дека од 100 работни позиции, 97 се пополнети, а 3 се слободни.

Во вториот квартал на 2025 година, 2.1% од работните позиции во ЕУ се слободни. Ова е мало намалување од 2.2% во првиот квартал на 2025 и 2.4% во вториот квартал на 2024 година.

Највисоки и најниски стапки на слободни позиции во Европа

JVR варира од само 0.6% во Романија до 4.2% во Холандија — што укажува на различни услови на пазарот на труд во различни земји.

Стапките се исто така повисоки од 3% во Белгија (4.1%), Австрија и Норвешка (по 3.4%) и Малта (3%). Ова покажува дека Северозападна Европа има највисока побарувачка за работници, додека Источна и Јужна Европа имаат послаба побарувачка.

Некои земји сè уште немаат податоци за вториот квартал, па се користат податоци од првиот квартал.

Стапка над просекот во Германија и Франција

По Романија, најниска стапка на слободни работни места имаат Шпанија и Полска (0.8%), Бугарија (0.9%), Турција и Словачка (1.1%).

Во Германија и Франција, стапката е повисока од просекот на ЕУ (2.1%), со по 2.5%. Во Италија е 1.7%.

Број на слободни работни места по земја: Германија, Велика Британија, Франција, Холандија

Од 30 земји, вклучувајќи членки на ЕУ, кандидати и држави од ЕФТА, Германија има најмногу слободни работни места – 1.050.000.

Воедно, Германија е и најпопуларната дестинација за миграција во Европа – со 1.271.000 имигранти во 2023 година (вклучувајќи 324.000 од ЕУ и 905.000 од трети земји).

Шпанија има 145.000 слободни работни места и се наоѓа на 8 место, но има речиси ист број имигранти како Германија – 1.250.000. Ова покажува дека секоја земја треба да се анализира поединечно, во зависност од економската големина и трендовите на раст.

Според проценките на британскиот Завод за национална статистика, Обединетото Кралство е на второ место со 781.000 слободни работни места, Франција на трето со 504.000, а Холандија на четврто со 400.000.

Турција има 206.000 отворени позиции и во 2024 година ја имаше највисоката стапка на млади кои не се вработени, не се во образование или обука (NEET).

Земји со над 100.000 отворени позиции се: Белгија (170.000), Австрија (148.000), Шпанија (145.000), Шведска (113.000), Норвешка (107.000) и Полска (101.000).

Најмал број на слободни работни места има Исланд (5.000), потоа Луксембург (7.000), Малта (8.000) и Северна Македонија (10.000).

Побарувачка и недостиг на вештини

Што ни кажува JVR? Според Eurostat: „Стапката на слободни работни места ја отсликува незаполнетата побарувачка за работна сила и потенцијалниот несоодветен спој помеѓу вештините на невработените и барањата на работодавците.“

Недостигот на вештини станува сериозен предизвик за работодавците во Европа. Според истражување на ManpowerGroup од 2023 година, 75% од работодавците во 21 европска земја не можат да најдат соодветни кандидати. Во 2018 година тој процент изнесувал 42% – што претставува раст од 33 процентни поени. Германија и Грција го имаат највисокиот процент – 82%.

Исто така, според истражување на Евробарометар од крајот на 2023, 54% од малите и средни претпријатија во ЕУ го наведуваат недостигот на квалификувани кадри како еден од трите најголеми проблеми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни