Повеќе од 400 жртви го пријавиле Ел-Фајед за злоставување

Повеќе од 400 наводни жртви досега го контактирале правниот тим кој го води случајот против починатиот египетски милијардер Мохамед Ел Фајед, обвинет за сексуална злоупотреба и силување.
Фото: waldopepper/Flickr

Оваа информација денеска ја соопшти адвокатот Дин Армстронг.

Документарец на Би-Би-Си во септември откри дека Ел Фајед, кој почина минатата година на 94-годишна возраст, сексуално злоставувал женски персонал во неговата стоковна куќа Херодс во Лондон и им се заканувал со последици доколку се обидат да се пожалат.

„Степенот на злоупотреба извршена од Ел-Фајед и олеснета од оние околу него, за жал, продолжува да расте“, рече Армстронг на прес-конференција во Лондон, според Ројтерс.

Ел Фајед ги негираше сличните наводи од други извештаи пред неговата смрт, соопшти агенцијата.

Од Херодс се извинија и рекоа дека се „згрозени“ од наводите и започнаа постапка за сите сегашни или поранешни вработени кои сакаат да бараат компензација.

Друг адвокат, Брус Драмонд, рече дека меѓу повеќе од 400 наводни жртви има жени од целиот свет, главно од Британија, но и од САД, Австралија, Малезија, Шпанија, Јужна Африка и други земји.

Драмонд додаде дека, според жртвите, злоупотребата се случила „во ѕидовите на Херодс“, но и на други локации во деловната империја на Ел Фајед, како фудбалскиот клуб Фулам, Риц Париз и неговиот имот во Сари.

„Меѓу наводните жртви се и ќерката на поранешниот американски амбасадор во Британија и ќерката на познат фудбалер“, рече Драмонд, без да именува имиња.

Документарецот на Би-Би-Си тврди дека Херодс не интервенирал и помогнал да се прикријат наводите за злоупотреба додека компанијата беше во сопственост на Ел Фајед.

Адвокатите го критикуваа системот за компензација замислен од Херодс и рекоа дека некои жртви не се чувствуваат удобно да одат директно до компанијата за компензација, бидејќи таму се случила злоупотребата.

Драмонд изјави дека некои високи членови на персоналот од ерата на Ел Фаед сè уште работат во Херодс.

Неколку медиумски организации објавија наводи за сексуална злоупотреба од страна на Ел Фајед, дури и пред емитувањето на документарецот на Би-Би-Си во септември, а адвокатите рекоа дека многу жени се чувствуваат слободни да зборуваат јавно за злоставувањето што го претрпеле дури откако египетскиот милијардер починал минатата година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни