Првото Меѓународно графичко биенале на минијатурни графики и цртежи Битола 2023, ќе биде отворено вечерва во 20 часот во Офицерскиот дом во Битола. Ќе бидат изложени над 700 дела работени во речиси сите графички техники, како и во скоро сите техники за изработка на цртежи: од јаглен, акварел, акрилик, комбинирани техники итн. Ќе бидат претставени над 400 автори од 80 држави.
За обележување е специјалното присуство, односно одбраните колекции на 50 автори од Кина, кои настапуваат како специфичен и авторски, кинески павилион, колекцијата на околу шеесетина автори од Италија, во избор и на истакнатата италијанска графичарка Валерија Бертесина. Присуството на најистакнатите полски графичари, една од најзначајните графички средини во светот. Како и големиот интерес на автори од скоро сите земји на Латинска Америка од Мексико, Бразил, Аргентина.
Зошто минијатурната форма и зошто опфаќањето на двата медиуми: графика и цртеж, во предговорот на каталогот за изложбата, образложува авторот на проектот и организаторот Владо Ѓорески:
…„ Уште во првите ракописни записи, минијатурите се појавуваат како илуминации преку кои е толкуван светот, пред почетокот на секоја буква, светли и просветлени како крилјата на ангелот. Низ и оваа човечка „цивилизација“ тие секогаш постоеле и биле создавани надвор од претенциозниот историски нарцизам. Од „Јавачите на апокалипсата“, „Меланхолијата“ на Дирер, од „Мизеријата на војната“ на Кало, од „Капричосите“ и „Ужасите на војната“ на Гоја… тие постојат, осамено, скоро скришно и непознато, затоа што не се порачка за големите храмови, за царските палати, за дворците на аристократијата, за лавиринтите на политичките тврдини или банкарската парична логореа на „моќта“. Тие не се програмско преповторувано клише, без отстапки и излети надвор од устоличените измислени стилови. Тие мудро и незабележливо се провлекува низ неколкувековната хиерархиска цензура, всушност од почетокот на првите аномалии на престижното „јас“ и ништожното „ти“…