Постои риба со име „Puffer fish“ и првото нешто со кое бев фасцинирана од ова мало водено суштество е напорот кој го прави за да го привлече вниманието на потенцијална парнерка. Имено, оваа риба има навистина величествен вид на додворување, создавајќи масивна „мандала“ на морското дно и тоа само со помошта на своите перки. Финалниот резултат е вистинско ремек дело и бара речиси една недела непрекинат напор во кој оваа риба работи дење и ноќе! Тој дури и користи школки за декорација! Од друга страна јас добивам пораки на Инстаграм со само едно „Здр“. Толку. Не е ни целосно „Здраво“, нема ниту прашање кое ќе поттикне разговор или ќе го покаже неговиот интерес за тебе, туку е само една кратенка од три збора. А ако сум доволно „среќна“ истото „Здр“ ќе го добијам неколку пати во континуиран период од неколку денови. Некогаш и ќе се уфрли прашањето „Како си“ колку ради реда да не биде само „Здр“.
Ако веќе би продолжила да зборувам за „огромниот“ напор кој мажите го прават во 2023та година користејќи ги социјалните мрежи како алатка за запознавање, најлоши би ми биле пламенчето и процентите во реакција на Инстаграм стори. Што побогу треба да правам со нив? Како се тие „кршење на мразот“ и точки за започнување разговор?! Како се тоа брои во напор за да и пристапиш на девојка, да започнете нормална конверзација и можеби да се договорите да излезете на кафе?
Следно би го набројала феноменот да го прави истиот муабет на социјалните мрежи со тебе и со твојата другарка. Да да, дури ги користи истите реченици. Само „copy-paste“ и испрати. Тоа е веќе напор нели? Ако во случај не успее ништо со тебе, бар има резервен план. Зар навистина очекувате дека ние жените на толку зборување и маубети нема да го споделиме и тоа со кој во моментов сме во комуникација?


Од други напори во додорување би споменала слики (што селфи, што да се чудиш што е со сликата) но како и да е и ова не е баш некој почеток на муабет? Или е? Може не сум генерација 2000та па сум грешка, ама луѓе се знае како се започнува и води нормален муабет, зар не? Точно, бевме во глобална изолација скоро 3 години, но веројатно не заборавивме до толку како се комуницира нормално?!
Налетав на истражување кое вели дека 2023та е година во која наоѓањето на совршениот партнер или партнерка е најтешко, особено што е ера на онлајн запознавање. Психолозите како причина за истото го објаснуваат преголемиот избор кој ни е даден и високите критериуми. Кој избор ги прашувам јас нив? За каков избор зборуваме и кои високи критериуми кога одредени луѓе не ги исполнуваат ни основните – нормална комуникација! Во истото тоа истражување мажите се жалат дека девојките се непристапни и не враќаат на нивните пораки. Како очекуваш да врати на порака во која нема никаков напор, оригиналност, креативност и која е само шаблон колку да се започне разговор. Згора на се едната иста порака е пратена на уште милион други, а верувајте, ние жените зборуваме меѓу себе.
Ако ги прашате вашите родители, вашите баби и дедовци е тогаш ќе дознаете што било правење напор за да ја поканиш девојката која ти се допаѓа да излезете и таа да прифати. Едно „здр“ или „пламенче“ не е напор. Никој не рече дека треба да молите некој или нешто слично. Верувајте дека нема ништо полошо дечко кој сам си прави муабет во сандачето со пораки. Доволно е само да покажете вистинска заинтересиранот, култура и почит. Првиот впечаток онлајн и во живо може не е истата работа, но еднакво се важни и двете.
На крај, ги има и мажите кои се научија да го добиваат тоа што го сакаат со минималне напор или воопшто никаков труд. Нив не ги обвинувам, затоа што не е нивна кривица што може да го добијат тоа така лесно. Тоа е веќе одлука на одреден тип на девојки и во тоа не навлегувам.Секој со својот памет. Но не може да очекувате дека секаде ќе ви помине истото. Не се сите мажи исти, но не се исти и сите девојки.
Не бараме од вас да бидете „Pufferfish“ и 24 часа, 7 дена во неделата да создавате масивна мандала украсена со школки. Но исто така не може да си дозволите една риба да прави повеќе напор кога станува збор за импресионирање на партнерка и привлекување на нејзиното вниманите. Ако не знаете како, прашајте некој од постарите. Секогаш можете да научите нешто од нив, затоа што таа „стара школа“ сеуште е во мода и секогаш ќе биде подобар метод да и пријдеш на девојка од ова вашево денес. А што се однесува до рибчево и нејзиното ремек дело, тоа дефинитвно вреди да го погледнете.