Телата на оние кои се воделе како исчезнати биле пронајдени од страна на пожарникарите рано утринава, по повеќечасовна потрага која започнала вчера по урнувањето на плочите на зградата вчера околу 13 часот, пишува шпанскиот весник „Паис“.
Меѓу загинатите се тројца мажи и една жена, потврдено е од Мадридската служба за вонредни ситуации.
Зградата на адреса Лас Илерас број 4 била во фаза на реконструкција за претварање во хотел со четири ѕвезди.
Според зборовите на раководителот на проектот, на градилиштето во моментот на несреќата се наоѓале помеѓу 30 и 40 работници.
Градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез Алмеида, изјавил дека „попуштил шестиот кат, предизвикувајќи ланец на урнување на сите катови до приземјето“.
Причината за несреќата сѐ уште не е позната.
Алмеида нагласил дека сите потребни дозволи за работите биле добиени и дека работите се изведувале согласно прописите.
Спасувачките екипи користеле обучени кучиња и дронови во потрагата по исчезнатите, додека пожарникарите рачно ги отстранувале урнатините.
На местото на несреќата биле ангажирани 18 единици на пожарната служба и тим на Итната помош Самур, а една личност била хоспитализирана со фрактура на ногата.
Загинатата жена била идентификувана како 30-годишната административна работничка Лаура, додека останатите загинати работници се: Дамбеле, Алфа и Хорхе, потекло од Маливи, Гвинеја и Еквадор.
Градоначалникот го прекинал своето патување во Лондон и пристигнал на лице место, додека претседателката на Заедницата на Мадрид, Исабел Дијаз Ајусо, го посетила подрачјето, но не даде изјави.
Владините претставници, на чело со Френсиско Мартин, потврдија дека несреќата се третира како несреќа при работа, а истрагата ја води Општинската судска полиција.
Министерката за работа, Јоланда Дијаз, соопшти дека Инспекторатот за работа започнал истрага.
Зградата, изградена 1965. година, имала шест катови и подземно ниво. Работите на нејзината реконструкција, која е во сопственост на саудискиот фонд РСР, ги изведува компанијата „Групо Реабилита“.
Извор: N1info.rs