Иако Европската Унија и САД имаат различни перспективи за регулирање на онлајн просторот, „има области каде што имаме некои сличности“, рече Дејвис, којашто е Американка. Еден од овие заеднички приоритети е заштитата на малолетниците. Како резултат на тоа, Мета ги повикува пратениците од двете страни на Атлантикот да имплементираат систем за проверка на возраста директно на ниво на „продавница за апликации“ (App Stores). Со други зборови, платформите како „Епл“ и „Гугл“ ќе бидат одговорни за потврдување дали корисниците имаат право да преземаат апликации како „Фејсбук“ или „Инстаграм“. Дејвис предложи да се прошири овој систем во сите апликации
„Спроведувањето на проверка на возраста на ниво на оперативен систем или продавница за апликации ќе помогне да се осигуриме дека ќе создадеме екосистем кој е безбеден за тинејџерите. Ако не се осврнеме на целиот екосистем, она што веројатно ќе го видиме е тинејџерите да мигрираат од една апликација во друга каде што можеби не се толку добро заштитени“, додаде таа.

Нацрт-законот за безбедност на децата во Луизијана предложи слична мерка, но силното лобирање од страна на Apple доведе до нејзино отфрлање во септември минатата година.
„Во моментов, проверката на возраста на Мета се потпира на самопроценка. Ако откриеме активност што сугерира дека корисникот можеби не е на возраста за која тврди, бараме потврда преку лична карта или систем заснован на „селфи“ што ја проценува возраста“, објасни Дејвис.
Во таканаречената Декларација на Лувен од април 2024 година, лидерите на ЕУ, меѓу другото, ветија дека ќе најдат решенија и стандарди низ земјите-членки на ЕУ за проверка на идентитетот и возраста.

Инаку, заштитните мерки на Мета за малолетниците се протегаат и малку пошироко од проверката на возраста. Дејвис ги истакна новите „тинејџерски сметки“, лансирани во септември, коишто им овозможуваат на родителите на малолетните деца да го контролираат времето поминато на апликацијата, да следат на кого испраќа пораки тинејџерот и да го филтрира видот на содржината што му се прикажува на нивното дете.
„Покрај тоа, ги исклучивме известувањата навечер, па после 22 часот известувањата се исклучени за тинејџерите да можат да се одморат, да спијат, да се одморат добро, како што би сакале нивните родители“, додаде Дејвис.
„Имаме заштитни мерки за малолетниците и ќе продолжиме да преземаме активни мерки за да се осигураме дека тинејџерите не гледаат чувствителна содржина“, рече таа.
Таа дополнително објасни дека, со цел да се заштитат тинејџерите од предизвикувачи поврзани со нарушувања во исхраната, платформата повеќе не прикажува реклами за исхрана на тинејџерите.
Европската Комисија ја препозна опасноста од социјалните медиуми за младите и Оливер Вархеји, комесар за здравство, за време на сослушувањето во Европскиот парламент рече дека „ќе води истрага ширум ЕУ за поширокото влијание на социјалните медиуми врз благосостојбата на луѓето, со посебен фокус на децата и младите“.