Планот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за повторна окупација на целата територија на Појасот Газа е “длабоко загрижувачки” и може дополнително да ги загрози животите на палестинските цивили, како и на израелските заложници кои сè уште се држат од страна на Хамас, предупреди високиот претставник на Обединетите нации.
Помошникот генерален секретар на ОН, Мирослав Јенча, обраќајќи се пред Советот за безбедност, потенцираше дека според меѓународното право, Газа „е и мора да остане составен дел на идната палестинска држава“. Тој ја повтори итната потреба од прекин на огнот и побара итно и безусловно ослободување на сите заложници, пишува Би-би-си.
Јенча додаде дека Палестинците во Газа живеат во „мизерни“ и „нехумани“ услови и ја повика Израел веднаш да дозволи непречен пристап на доволно хуманитарна помош.
Планот на Нетанјаху, според израелски медиуми, предвидува Израелската армија да изврши целосна воена окупација на Појасот Газа, вклучително и подрачја каде што се наоѓаат над два милиони Палестинци. Дел од тие зони досега беа избегнувани од израелската војска поради сомнежи дека таму се држат живи заложници.
ОН проценуваат дека околу 87 отсто од територијата на Газа е под израелска воена контрола или под евакуациски наредби.
Американскиот претседател Доналд Трамп, прашан за ставот на САД во врска со евентуалната окупација, изјави дека „тоа главно ќе зависи од Израел“, додавајќи дека моментално е фокусиран на дистрибуцијата на храна во Газа.
„Очигледно е дека луѓето во Газа не се во добра состојба кога станува збор за храната“, рече Трамп, додавајќи дека Израел ќе помогне со дистрибуцијата и финансиската поддршка.
Планот на Нетанјаху предизвикал несогласувања и во израелската војска. Началникот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), Ејал Замир, наводно предупредил дека целосната окупација ќе ги загрози заложниците и ќе ја исцрпи армијата.
Според локални медиуми, на ист став се и други високи безбедносни фигури, како шефот за прашања поврзани со заложниците во ИДФ, Ницан Алон, и шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, Давид Барнеа.
Сепак, некои политички фигури блиски до Нетанјаху реагираа со остри коментари. Еден висок функционер цитиран од израелски новинари рекол: „Ако тоа не му одговара на началникот на Генералштабот, треба да поднесе оставка.“
Извор: Мета.мк