Потсетник за бонтон во лето

Летото конечно е тука и муабетот „Многу е жешко“ е официјално започнат, но пред да започнеме со уживање во Охрид, Дојран, Струга или некоја од останатите дестинации за плажа и езеро/море мислев дека ќе е фино да се потсетиме на основни бонтон правила во случај да ги имаме подзаборавено. Ќе започнам од најосновното. На плажа до тебе комшиите не им е гајле за твоите бизниси, експорт/импорт, колешката ти како те има нанервирано или генерално твојот живот. Значи можеме да пробаме да бидеме потивки, да си го направиме муабетот меѓу себе (тие што сте си дојдени друштвото) без да ги инволвираме сите останати околу. На крајот од краиштата сите сме дојдени на одмор да одмориме.

Исто друга многу важна работа на која треба да се потсетиме е дека прашањето „Како се движат цените таму“ е во ред, но прашањето „Колку пари потроши на одмор„ проследено со „А ти колку плата земаш?“ не е. Вие не сте тие кои сте задолжени да водите сметка за туѓиот буџет и финансии. Доволно е да се грижите само за вашиот џеб и да не брката нос во туѓиот. Кога станува збор за родители и деца на плажа исто е важно да се објасни на детето дека луѓето до него не уживаат баш во тоа некој да им фрла песок околу нив, да трча и да вика колку го држи глас. Да дете е, ама и тие се дојдени на одмор исто како и и вие и не може мува да не ве лази. Кога сме веќе на овој муабет, доколку сте сместени во апартмани каде има и други луѓе, по бонтон, детето не треба да трча за да се измори по зграда, горе долу по скали со викање, туку би било згодно тоа да се направи некаде надвор каде што нема сите да бидат вознемирени и оставени без попладневен одмор или сон.

Од овде се префлраме на младите дечки и девојки. Дали знаевте дека за да го привлечете вниманието на дечкото/девојката на плажа кои ви се допаѓаат, не мора да го правите тоа со гласно зборување и викање? Да знам, фасцинантно. Доволно е само да бидете фини и културни и да одите до нив и да им кажете здраво. Друго исто важно е дека тоа што сакате да им го кажете на оние кои се дојдени со вас на одмор не мора да биде кажано од вода на сама плажа додека вашето друштво е трети ред на лежалките. Исто зборот „извини“ ако турнете некој несакајќи во гужва и брзање дур одите по жешкиот песок е исто океј.

Друго правило од бонтон на кое мислам дека е убаво да се потсетиме е дека ѓубрето кое го правите е многу фино и убаво да се собере и да се фрли во место определено за отпадоци. Копањето на пикавци во песок не е дел од бонтон. Исто „Што му е друго работа ќе собере и исчисти“ на луѓето кои ја одржуваат плажата е апсолутно неточно. Всушност таа работа е и ваша и покрај тоа што овде сте дојдени на одмор а не да чистите и да си собирате по вас.

Мислам дека можеме да бидеме многу фин народ и уште пофини туристи ако сакаме. Се што треба е само малку труд, дури и минимален ќе направи огромна разлика. Летото е пред нас, без разлика каде и да сте не заборавајте дека не сте сами и дека има и други луѓе околу вас. Уживајте во убавината на Македонија доколку е тоа вашиот избор за дестинација, а убаво би било да биде затоа што и нашето е преубаво! Секако убаво е и човек да прошета, но доколку не сте во можност коментарите „Се уби од шетање“; „Само одиш некаде“ и “Од кај ти се парите“ нема да ви направат некоја разлика затоа воздржете се да ги употребите.

За крај кој со кого е на одмор, верувале или не, исто не е ваша работа. На вас е само да знаете вие со кого сте и да уживате. Ви посакувам убав одмор и се читаме во следната колумна.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни