Повторно започнува потрагата по исчезнатиот авион MH370

По речиси 12 години, истражувачката компанија Ocean Infinity повторно ќе се обиде да ја реши една од најголемите авијациски мистерии во светот

Во вторник повторно ќе започне потрагата по исчезнатиот авион на Malaysia Airlines на летот MH370, со надеж дека конечно ќе се разјасни судбината на леталото кое исчезна во март 2014 година.

Потрагата ќе ја води приватната истражувачка компанија Ocean Infinity, која ќе добие надомест само доколку ја пронајде траги од авионот. Боингот 777 исчезна на 8 март 2014 година на релација Куала Лумпур – Пекинг, со 227 патници и 12 членови на екипажот.

Последниот контакт со авионот бил остварен околу 40 минути по полетувањето, кога капетанот Захари Ахмад Шах се поздравил додека леталото влегувало во виетнамскиот воздушен простор. Набргу потоа, транспондерот бил исклучен, по што авионот исчезнал од цивилните радарски системи.

Воените радари подоцна покажале дека авионот ненадејно го сменил курсот, прелетал над северна Малезија и Андаманското Море, по што се упатил кон југ. Анализата на сателитските податоци укажува дека леталото најверојатно се срушило во јужниот дел на Индискиот Океан, западно од Австралија.

Малезија, Австралија и Кина претходно спроведоа обемна подводна потрага на површина од околу 120.000 квадратни километри, но без резултати. Потрагата, која чинеше околу 200 милиони австралиски долари, беше прекината во 2017 година. Нов обид следеше во 2018 година, повторно во организација на Ocean Infinity, но и тој заврши без пронаоѓање на авионот.

Досега се пронајдени повеќе од 30 парчиња остатоци долж бреговите на Африка и островите во Индискиот Океан, но само три фрагменти со сигурност се поврзани со MH370. Тие беа користени за моделирање на морските струи, со цел да се стесни можната локација на падот.

Истражниот извештај објавен во 2018 година заклучи дека системите на авионот најверојатно биле намерно манипулирани за да се смени курсот, но не беше утврдено кој е одговорен за тоа. Истовремено беа посочени и пропусти во работата на контролите на летање во Малезија и Виетнам.

Новата потрага, која започнува на 30 декември, ќе се спроведува на површина од околу 15.000 квадратни километри во јужниот Индиски Океан, под истите услови договорени меѓу малезиската влада и Ocean Infinity. Точната локација на пребарувањето не е јавно соопштена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни