Поради снимката на која пука од пиштол низ прозор од автомобил, потпретседателот на Владата и министер за земјоделство, Јосип Дабро, рано утрово поднесе оставка. Снимката се појави во медиумите вчера попладне, а Дабро ја потврдил автентичноста на снимката, тврдејќи дека пукал со ќорци. Сепак, експертите за оружје тврдат дека не биле ќорци, туку вистински куршуми.
Членовите на ДП го бранеа Дабро, тврдејќи дека тоа не е причина за оставка и обвиниле Марија Радиќ за објавување на снимката. Дабро вечерта по 1 часот на Фејсбук објавил дека поднесува оставка, а се шпекулира дека и премиерот Пленковиќ му наредил да поднесе оставка.
Министерството привремено ќе го води државниот секретар Тугомир Мајдак. Во меѓувреме претседателот на ДП, Иван Пенава, свикал вонредна прес-конференција.
Ова не е прва афера на министерот Дабро. Имено тој беше обвинет и за фалсификување на диплома.
„Живееме во земја во која сомнеж дека министер купил диплома не беше доволен повод за неговата оставка, но снимката на која пука од пиштол низ прозор од автомобил, конечно е. И тоа е прилично загрижувачки за иднината на оваа земја“, објавила на Фејсбук Маријана Пуљак од партијата Центар, коментирајќи ја оставката на Јосип Дабро.
„Постојано предупредувам за скандалот со неговата диплома, купена во Травник. Прашањата ги поставив во Собранието и никој не реагираше. Влада на ХДЗ стоеше зад министерот, покажувајќи дека корупцијата и купените дипломи не се проблем додека сте под нивна заштита“, порачала таа.
„А сега, додека воведуваме чувари во училиштата, излегува снимка на која министерот пука од пиштол низ прозор од автомобил, испраќајќи јасна порака за ароганција и чувство на недопирливост. Додека родителите се грижат за безбедноста на своите деца, министерот демонстрира однесување што не одговара ни на најниските општествени норми, а камоли на високиот државен чиновник“, изјавила Пуљак.