Потпретседателка на ЕУ: Акциите на Израел во Газа многу личат на геноцид

Извршната потпретседателка на Европската комисија, Тереса Рибера, остро ги осуди акциите на Израел во Газа, оценувајќи дека изгладнувањето, раселувањето и убиствата се многу слични на геноцид. ЕУ сè уште без конкретна акција.

Извршната потпретседателка на Европската комисија, Тереса Рибера, изјави дека изгладнувањето, присилното раселување и убивањето во Газа „многу личат на геноцид“.

„Ако не е геноцид, тогаш многу личи на дефиницијата што се користи за да се објасни неговото значење“, изјави таа за Politico.

Ова е една од најострите критики од страна на функционер од Брисел од почетокот на израелската офанзива во 2023 година.

Израелските власти сè уште немаат одговорено на оваа изјава, иако биле замолени за коментар.

Израел неколкупати ги негираше тврдењата за геноцид, истакнувајќи дека тој правно подразбира намера за целосно или делумно уништување на еден народ.

Европската комисија досега никогаш не го употребила терминот „геноцид“ кога зборувала за израелските акции во Газа.

Во последниве недели, неколку земји од ЕУ го засилија тонот кон Израел, поради хуманитарната катастрофа, убиства на локации за распределба на храна, како и заканите на владата на Бенјамин Нетанјаху за натамошно ескалирање на воените акции.

Сепак, остри критичари на однесувањето на Израел, како што е Рибера, се разочарани од недостатокот на конкретна акција од страна на ЕУ за да го притисне Израел и Хамас да постигнат прекин на огнот и да овозможат поголем хуманитарен пристап.

Тереса Рибера е една од неколкуте извршни потпретседатели на Европската комисија – позиција веднаш под претседателката Урсула фон дер Лајен.

Рибера изјави дека ЕУ треба да разгледа можност за суспензија на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, кој претставува основа на нивните трговски и економски односи.

„Она што го зборуваат и прават претставници на израелските власти одамна ги надминува границите на меѓународното право“, додаде таа.

Во моментот, Германија останува цврсто определена да води дијалог со Израел наместо да воведува санкции.

Портпаролот на германската влада претходно изјави дека хуманитарната ситуација „се развива во позитивна насока“ во последните две недели, и дека сè повеќе камиони со помош влегуваат во Газа. Сепак, не постојат докази кои ги потврдуваат овие тврдења, а како извор била наведена изјава на израелскиот претседател.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни