Како една од првите жени кои напредувале низ воените редови, таа сведочи за промената на Армијата од 1990-тите до денес од институција во која доминирале предрасуди, до модерна и инклузивна организација што ја препознава важноста на различноста и родовата еднаквост. Во својата богата кариера, Блажеска има командувано со единици, работела во обука и учествувала во мировни мисии, меѓу кои и во Авганистан под водство на НАТО.
„Службата за мене не е само професија, туку животна мисија – за мир, лидерство и менторство,“ вели полковник Блажеска.
„Кога се приклучив во Армијата, жените сè уште го бараа своето место во професија која долго време се сметаше за „машка“. За да докажеме дека припаѓаме тука, моравме да работиме двојно повеќе, на терен, во командување, но и во семејството,“ објаснува таа.
Блажеска додава дека денес жените се присутни во борбени и специјални единици, раководат тимови и се дел од сложени меѓународни мисии, но сепак има простор за напредок, особено во повисоките командни позиции.
„Фактот дека Северна Македонија денес има жена претседателка и врховен командант е симболичен момент и поттик за сите жени во униформа“, истакнува таа.
Жените како мост во мировните мисии
Службата во Авганистан, вели Блажеска, била пресвртница:
„Таму увидов колку е клучно учеството на жените во мировните мисии. Жените внесуваат емпатија, разбирање и заедничка перспектива во безбедносните операции, квалитети неопходни за воспоставување доверба и траен мир.“
Таа нагласува дека жените во мисиите често поврзуваат култури и заедници, слушајќи ги локалните потреби и придонесувајќи за обновување на општествениот живот.
„Рамноправноста во униформа почнува дома“
Полковник Блажеска смета дека институционалните промени се важни, но не се доволни без поддршка во семејството.
„Оваа професија бара жртви, долги часови, теренски ангажмани, отсуство од дома. Затоа вистинската еднаквост мора да почне дома. Ако сакаме жени да напредуваат во униформа, мораме да ги охрабриме и мажите да земаат родителско отсуство и рамноправно да ги споделуваат семејните обврски,“ нагласува таа.
Модернизацијата како предуслов за инклузивност
„Модернизацијата не е само технологија, туку и инклузија,“ вели таа.
Во касарните и теренските услови се прават структурни промени, безбедни сместувања, соодветни хигиенски услови и униформи дизајнирани според женската физиономија.
„Малите промени прават голема разлика. Тие создаваат чувство на припадност и ја прават Армијата поефикасна и праведна.“
Порака до младите жени
„Верувајте во себе и во вашата сила. Армијата не е само професија, туку призив и можност да служите, да штитите и да направите промена,“ порача полковник Блажеска.
„Секоја жена што се приклучува во униформа руши бариери и ги инспирира следните генерации.“
Ова интервју е дел од кампањата „Минатото, сегашноста и иднината на жените, мирот и безбедноста“, по повод 25-годишнината од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН, со цел промовирање на еднаквоста, правдата и мирот преку искуствата на жени-лидерки од Европа и Централна Азија.
Извор:eca.unwomen.org