Потера по четворица осомничени по дрскиот грабеж на „непроценливиот“ накит во Лувр

Во неделата наутро, Париз беше потресен од спектакуларен грабеж во музејот Лувр, каде четворица крадци во рок од само седум минути успеале да избегаат со колекција од „непроценливо“ скапоцен накит – дијаманти, смарагди, сафири и крунски украси што некогаш им припаѓале на француските кралици.

Како се случил грабежот

Според париската полиција, осомничените пристигнале во две возила – камион и два мотори. Маскирани како градежни работници, облечени во жолти елеци и со поставени сигнални конуси околу камионот, тие симулирале градежни активности на улицата покрај музејот, во близина на Сена.

Користејќи мобилна подвижна скала, какви што користат служби за транспорт на мебел, се искачиле до вториот кат и влегле преку терасата во прочуената Аполонска галерија, каде се изложени дел од највредните крунски накити на Франција. Со електричен сечач ја пробиле прозорската рамка и се влегле во музејот, активирајќи ја алармната сирена што продолжила да ѕвони додека тие излегувале.

Внатре, според полицискиот извештај, крадците скршиле две витрини – една со накитот на Наполеон и друга со крунските накити на Франција – и однеле девет парчиња со „непроценлива“ вредност.

Што било украдено

Меѓу украдените предмети, според француското Министерство за култура, се наоѓале:

  • дијадема (круна) од колекцијата на кралиците Мари-Амелија и Ортенз,
  • смарагдено ѓерданче и пар обетки што ѝ припаѓале на Мари-Луиза, втората сопруга на Наполеон,
  • голема брош-кокарда што ја носела императорката Евгенија.

Пред да побегнат, осомничените се обиделе да го запалат мобилниот лифт што го користеле, но неуспешно. Потоа побегнале со моторите, исчезнувајќи во центарот на Париз.

Истрагата во тек

Француските власти потврдија дека случајот се третира како организиран криминал и кражба со предумисла, а истрагата ја води специјализираната Бригада за сузбивање на бандитизам при Националната полиција. Околу 60 истражители работат на случајот, а според обвинителката Лор Бекуо, се истражува и можноста за странска вмешаност, иако засега се третира како внатрешен случај.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нинез изјави дека „сè се прави за сторителите да бидат фатени што е можно побрзо“.

Реакцијата на Макрон и јавноста

Францускиот претседател Емануел Макрон го нарече грабежот „напад врз француското наследство кое е дел од нашата историја“. Тој вети дека државата ќе направи сè за накитот да биде пронајден и вратен во музејот.

Лувр веднаш беше затворен за посетители, а во понеделникот објави дека ќе остане затворен додека трае истрагата. На туристите кои купиле билети ќе им биде извршен поврат на средствата.

Полицијата сè уште нема трага за осомничените, но истражителите потврдија дека кражбата била изведена професионално, со прецизна координација и познавање на безбедносните процедури во музејот.

Франција, позната по строго чуваните музеи, не памети толку смел грабеж на културно наследство во последните неколку децении.

Извор: Abcnews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни