Постпразнична празнина

Како и секоја година по завршувањето на празничните денови Скопје останува магливо и мачно, особено навечер кога на човек не му се ни излегува од дома со ваков загаден воздух. Има нешто во овие чудни јануарски денови кои наводно повикуваат на поголема рефлексија: внатрешно повлекување на кратко и преиспитување, некаква тага и меланхолија кои забрзано се шират низ градот и грижливо ги чуваме пред влезните врати на домовите. Овие чувства се обидуваме да ги разбереме по секоја сезона на прослави, заборавајќи веројатно да дадеме поголем фокус на психологијата на празничниот маркетинг, капитализмот и нивната добро позната улога во овој период.

Имено, секоја година празниците носат потсетник за зближувањето и заедништво кое треба особено да се интензивира, да се освести и да се почитува. Тоа многу вешто се користи преку стратегиите за ловење на купувачи кои уште на почетокот на декември со јасни кампањи и планови, кога веќе може да ги видите на сите места низ градот каде вашето внимание може да биде привлечено, а потоа и да биде некако искористено за потрошувачката. Полека но сигурно, атмосферата на припаѓање и зближување почнува да се засилува со притисокот од оваа страна, па кон крајот на месец декември кај луѓето сретнувате мешавина од умор и работна прегореност украсена со мало новогодишно капче. Да се биде дел од тој амбиент, во голема мера значи следење на очекувања за зголемена социјализација, радост и афективност кои за жал, многу луѓе и нивните животи ги ставаат во позиција која како да им вели дека се недоволно добри за новогодишната радост, светилки и дружби.

Многу е лесно да се навратиме кон споделувањето убави емоции додека во меѓувреме, многумина се справуваат со разни загуби, тагуваат и празниците ги потсетуваат на она што им недостасува. Луѓето се борат на различни начини и не чувстуваат дека имаат што да прослават или дека сметаат дека е време за тоа. Празничната атмосфера во голема мера претставува тешкотија и некаков вид на страдање, кое како да го оддалечуваме од масата на која се разговара, бидејќи не нè засега толку лично нас. Во меѓувреме, светкавите излози, реклами и телевизиски програми одново и одново ја вртат приказната за магијата на новите почетоци кои често изгледаат апсурдно во вакви времиња. Одбиваме да ја гледаме оваа сезона како меч со две острици, но таму е реалноста за справувањето со животните предизвици и со тоа колку сме притиснати од тоа дека мора да сме полни со леснотија, радосни и задоволни дочекувајќи го новото непознато. И тоа колку сакаме да видиме што се случува околу нас, веројатно.

За да не придонесеме за дополнителна тешкотија на некому потоа, важно е во тие празнични моменти да сме поемпатични и попромислени кон сограѓаните кои не се чувствуваат како да им се слави. Мислам дека за момент можеме подобро да излеземе од нашите глави и да пробаме да најдеме нови елементи на поврзувањето преку споделување емпатија за туѓата болка, наместо изолирано фокусирање единствено на својата приватност. За да го намалиме заедно притисокот од некакво перформирање кое доаѓа овие денови и да пробаме поздраво да поставиме некои мостови на разбирање и споделување во заедницата.

За која заедница зборуваме сè уште? За онаа која треба континуирано да се потсетува дека овој период е крајно тежок за работниците и стандардите во кои работат, за жените, за кои статистички е докажано дека страдаат од зголемено емоционално и физичко насилство во овој период, за оние кои не можат да си дозволат да јадат нормално до крајот на месецот или да си го покријат прегледот на лекар. За онаа заедница која преку освестување на привилегиите и делување во насока на поддршка треба да покажува што всушност таа значи. Онаа за која принципите на еднаквост, доверба и солидарност не би и биле само термини во мода, туку пракса и начин на функционирање. Онаа за која континуирано пишувам и се плашам дека ни станува излитен збор.

Постпразничната празнина е реална и е определена од многу фактори. Ме тера да чувствувам една посебна беспомошност која ми се јавува кога гледам како да живееме во неколку паралелни универзуми. Во еден од нив има многу болка, тага и лутина за сето она со кое сограѓаните се соочуваат и ги надминува границите на нови или стари години, празници или пак работни денови. Во друг има тишина. Во трет има надеж за поголема свесност на комплексноста на овој период и критичко преиспитување како со малите гестови и значење, да се свртиме кон другиот и неговата болка. Во четврт има само страв дека некои работи остануваат само на хартија, само празни теории во воздух и не се доближуваме до оние на кои сме им најмногу потребни. Сакам да верувам дека можеме да бидеме поинакви затоа што потребно е да бидеме.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни