Ладни раце и нозе се честа појава, особено во зимските месеци. Кај многумина тоа е нормална реакција на ниските температури. Но, доколку чувството на студ е постојано, дури и кога сте во топла просторија, телото можеби испраќа сигнал дека нешто не е во рамнотежа.
Според д-р Крис, доктор по фармација, познар на социјалните мрежи како DrChrisPharmD, ваквата појава често е поврзана со лоша циркулација, а во многу случаи причината се сведува на недостаток на еден клучен минерал – железо. Во едно од своите видеа тој објаснува дека студените екстремитети можат да бидат знак дека кислородот не стигнува ефикасно до сите делови од телото.
„Ако постојано ви се ладни рацете и нозете, телото ви кажува дека нешто не е во ред со циркулацијата“, вели д-р Крис. „Најчесто, проблемот е поврзан со ниско ниво на железо.“
Улогата на железото во организмот
Железото има клучна улога во организмот – преку крвта помага во преносот на кислород до сите ткива и органи. Кога нивото на железо е ниско, овој процес е нарушен, а резултатот може да биде чувство на студ, замор и слабост. Ладните раце и нозе се меѓу најчестите симптоми, бидејќи екстремитетите први ја „губат“ топлината.
Иако железото може да се внесе преку храна како спанаќ, мешунки и црвено месо, телото не секогаш го апсорбира подеднакво ефикасно. Затоа, д-р Крис посочува дека џигерот е еден од најдобрите извори, бидејќи содржи т.н. хем-железо – форма која организмот полесно ја искористува. Алтернатива се и додатоците во исхраната, но нивната употреба треба да биде внимателна и, по можност, во консултација со лекар.
Кога ладните раце може да укажуваат на посериозен проблем
Иако недостатокот на железо е чест фактор, ладните екстремитети понекогаш можат да бидат знак и на посериозни здравствени состојби. Според Британската фондација за срце, во студено време крвните садови се стеснуваат за да се зачува телесната топлина, што може да доведе до покачување на крвниот притисок. Срцето тогаш работи понапорно и приоритет им дава на виталните органи, додека рацете и нозете остануваат студени.
Сепак, исти симптоми можат да се јават и кај лица со: висок или низок крвен притисок, болест на периферните артерии, срцева слабост, нарушувања на штитната жлезда, дијабетес, анемија, анксиозност или хроничен стрес
Честа причина е и Рејноовата болест, состојба при која прстите на рацете и нозете, а понекогаш и ушите, на студ стануваат бели или сини и се јавува трнење или вкочанетост.
Кога да побарате лекарска помош
Британската фондација за срце советува да се обратите кај лекар доколку сте загрижени поради постојано ладни раце и нозе, особено ако симптомите се појавуваат и во топла средина. Медицинска помош е потребна и ако забележите: бледа, синкава или дамкаста кожа; трнење, вкочанетост или болка; ранички или промени на кожата на нозете
Иако советите на социјалните мрежи можат да бидат корисни за подигање на свеста, точната дијагноза и терапија секогаш треба да доаѓаат од здравствен професионалец.