Постоиш ли Алиса?

Јелена Белиќ е партизанка со објектив. Дење архитект, навечер фотограф, ликовен уметник и цврсто подадена рака

На 23 ноември во 13.30 часот во Музеј на Македонија ќе биде отворена изложбата на фотографии „Постоиш ли Алиса?” на Јелена Белиќ.

Куратор е Иван Блажев а дизајнот на плакат е на Тања Вукобрат

За изложбата пишува Ѓорѓи Јаневски.

,,Јелена Белиќ е партизанка со објектив. Дење архитект, навечер фотограф, ликовен уметник и цврсто подадена рака. Долги години трпеливо и истрајно го документира и го истражува градот, неговата културна сцена и неговото социјално битисување. Луѓето и просторите се нејзиниот леб и сол. На почетокот на 2023 година ангажирана е фотографски да го документира снимањето на краткометражниот игран филм со работен наслов „Чуда во земјата на Алисите“, експериментален проект работен врз принципите на театарот на апсурд. Филмот е независна продукција во колективно авторство на „Колектив Ветерница“ во соработка со „Трисомија 21“ од Скопје. Локација на снимање е зградата на Македонска Опера и Балет. Музата чука на широко отворена врата. Снаодливиот креативен дух – својствен за солидарната локална DIY (или направи заедно) сцена на која авторката ненаметливо ѝ припаѓа – никогаш не спие и будно сонува. Тоа е дарбата да се создаде доблест од потреба. Сублимирајќи ја љубовта за архитектура и фотографија, Јелена ја трансформира оваа задача во автономен уметнички потфат. „Фасцинацијата со тој објект за мене трае уште од студетски денови; самиот објект (дело на словенечките архитекти Buro 77) како и неговата внатрешност е ‘исклучително ендемичен по својата форма’ и се смета дека инспирацијата за оваа форма е најдена во сликата на санта лед со наслов „Море од мраз“ на сликарот Каспар Давид Фридрих (‘The sea of ice’ Caspar David Friedrich). Влегувањето во тој објект е влез во друг свет. Градењето на мојата верзија на Алиса го пронаоѓам во предизвикот да се нурне во еден таков чуден простор, да се игра со неговите пропорции, остри агли, белите површини, квалитетот на светлината… Одредниците кои ги присвоив од филмот се сценографијата, костимите и црно белата техника. Физиономијата на портретираните во хармонија или како контрапункт на обликовните карактеристики на просторот беа алатките со кои сакав да создадам приказна.“ (Ј. Белиќ) Оваа фотографска приказна, изградена со моќен поетски јазик, се потпира на визуелна палета која е истовремено минималистичка и богата со детали. Облиците на архитектурата и на портретираните, контрастот помеѓу монументалното и интимното, се испреплетуваат во континуиран танц на светло и сенка, човек и простор, реалност и фантазија. Просторот станува лик за себе, а човечките фигури се актери кои го населуваат и го оживуваат. Се губат за повторно да се пронајдат, овековечени во фотографии, со напати, непробојна емоција. Она што, пак, е веднаш видливо е тивката енергија на авторката, опиплива во нејзините фотографии. Преку незјините субјекти, суптилно создава чувство на интимност и на интроспекција. Секоја фотографија е прозорец во приватен свет, покана за гледачот да се препушти во неискажаните длабочини на човечкото искуство, да се изгуби во наративот, емотивно да го насели просторот, потпирајќи се исклучиво на сопствената имагинација”.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ, Музејот на Македонија и Партизанска штампа и Колектив Ветерница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни