Според него, исчезнувањето на глечерите, кои се наоѓаат на највисокиот врв на планинскиот венец, висок 4.862 метри, може да ја загрози флората и фауната на Индонезија, вклучително и некои уникатни видови кои живеат само на тој остров, пишува Кјодо.
Како што изјави Доналди, ова се единствените преостанати глечери во тропскиот западен Пацифик, а нивната дебелина на крајот на минатата година била само четири метри, наспроти шест метри една година порано.
Според овој научник, дебелината на мразот на глечерите во 2010 година, кога првпат биле поставени мерните инструменти во таа зона, била 32 метри.
„Намалувањето на дебелината на мразот е многу големо и достигна ниво каде што е тешко да се спречи исчезнувањето на глечерите“, предупреди Доналди, додавајќи дека тие би можеле да исчезнат во 2026 или 2027 година.
Според тим индонезиски научници, временскиот феномен Ел Нињо во 2015 и 2016 година ги зголемил температурите на површината на морето, предизвикувајќи дебелината на мразот на глечерот да се намали на 5,6 метри, а топењето продолжило.
„Експертите укажуваат дека поради порастот на температурите, некои животински видови постепено мигрираат“, рече Доналди.
Овој остров е дом на уникатни видови рајски птици, потсетува Кјодо. Она што сепак најмногу го загрижува Доналди е порастот на нивото на морето поради топењето на глечерите.
Претходно, глечерите постоеле на пет планински врвови во Индонезија, но сите исчезнале помеѓу 1990 и 2000 година.