Последните денови на Папата Франциск: Не ги послуша лекарите, сакаше да биде меѓу народот

Во понеделник точно напладне, црковните ѕвона низ цела Италија се огласија во знак на жалост – Папа Франциск почина. Само ден пред тоа, тој неочекувано се појави на балконот со поглед кон Плоштадот Свети Петар, каде што го даде својот последен благослов пред 35.000 верници на велигденската миса.

Иако лекарите му препорачаа најмалку два месеца одмор по 38 дена поминати во болница поради обострано воспаление на белите дробови, Папата одби да се повлече. Дишеше без помош на кислород и продолжи да ги прима посетителите и да се среќава со луѓе – токму како низ целиот негов понтификат.

На Велигден, кога се појави пред верниците, Плоштадот прво избувна во аплауз, а потоа завладеа тишина. „Драги браќа и сестри, ви посакувам среќен Велигден,“ рече со уморен и слаб глас. Тоа беа неговите последни јавни зборови.

“Чувството беше како да го гледаме последен пат,” рече Мауро од Рим. „Обично се вика: ‘Да живее Папата!’, но овојпат беше тивко, како сите инстинктивно да ја чувствуваа неговата болка.“

И покрај јасните препораки на лекарите од болницата Џемели за целосен одмор, Папата инсистираше да биде во Ватикан за Велигден. Пред отпуштањето од болница на 23 март, тој им мавна на верниците од прозорецот на болницата. Потоа се врати во својот дом во Домот Света Марта – скромна резиденција која ја избра наместо раскошните папски апартмани.

Како што се ближеше Велигден, неговите активности се засилуваа. Ги прими кралот Чарлс и кралицата Камила, а на Цветници се појави пред 20.000 верници. Последниот четврток го посети затворот Реџина Коели, каде што, иако немаше сила да го направи традиционалното миење на нозете, остана половина час со затворениците.

На Велигден го прими американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Потоа излезе на балконот и го даде последниот благослов Urbi et Orbi – на градот и светот. Беседата ја прочита монсињор Диего Равели, додека Папата седејќи во тишина слушаше. По тоа, неочекувано, се симна меѓу народот во папамобилот и ги благословуваше присутните – тоа беше последен пат кога беше виден жив.

Почина рано наутро во понеделник, во својот дом во Домот Света Марта. Ватикан потврди дека смртта настанала како последица на мозочен удар и неповратно срцево откажување. Камерленгото ја објави смртта два и пол часа подоцна.

Папа Франциск никогаш не сакаше да живее во раскош. Од првиот ден на својот понтификат повторуваше: „Ако живеам сам, во изолација, тоа нема да ми користи“. Живееше скромно, меѓу обичните луѓе – токму таму и го заврши својот земски живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни