Последниот концерт Тоше го организираше заедно со УСАИД – за обнова на училиштата во Македонија

Одлуката за блокирање и евентуално затворање на Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД на претседателот Доналд Трамп го шокираше светот, иако одредени кругови го слават укинувањето на поддршката за македонското општество.

Проектите на УСАИД во минатото во земјава помогнале за реновирање и опремување на училишта, обезбедување брз и широкопојасен интернет, но и проекти за подобрување на меѓуетничкиот соживот преку ТВ проекти како серијата „Наше маало“.

Тоа што многумина забораваат е и дека последниот концерт на македонската легенда Тоше Проески, кој се одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје беше дел од проект на УСАИД. Тој концерт беше од хуманитарен карактер и беше дел од проект за поддршка на основното обрзование.

Средствата кои беа собрани на концерот беа искористени за петгодишниот проект за основно образование финансиран од УСАИД.

„Денес сме на мое огромно задоволство на трет концерт мој, а посебно ми е чест што е хуманитарен и тоа дел од кампањатa на УСАИД. Сите средства кои ќе бидат собрани вечерва од картите се ваша донација за обновување на училиштата основни во Македонија. Едно од тие училишта е и Никола Карев во Крушево, основното училиште каде што учев јас. Училиштето е веќе обновено и за неколку дена треба да се отвори. Драго ми е што новите генерации ќе имаат можност со нови методи и нова средина да се школуваат, затоа што школувањето е наша заедничка одговорност. Тоа е мотото на УСАИД. Ќе се обновуваат школите во Република Македонија.“ – со гордост изјави Тоше на почетокот на неговиот концерт.

УСАИД со нивната програма обезбеди и поставување на брз интернет до секое ќоше во Македонија, со што се поврзаа и сите основни и средни училишта во Македонија, а бројот на домаќинства кои добија пристап до глобалната мрежа се искачи од 8 на 78 отсто.

УСАИД исто така на интернет ги поврза и сите универзитети и студентски домови, па до крајот на 2005 година со бежичен интернет беше покриена речиси целата држава, што беше прв таков пример во светот.

Во изминатите години УСАИД работеше на реновирање на училиштата, како и набавка на опрема за наставните кадри и учениците, а работеше и на проекти за подобрување на интеретничкиот дијалог и разбирањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни