Fashion Weekend Skopje 32 заврши во Diamond Mall, со програма што ја отвори модата кон образованието, технологијата, одржливоста и новите авторски пристапи. Последниот ден од настанот беше во знакот на студентските колекции, јавните разговори за 3D и вештачката интелигенција во модата, изложби, книжевна промоција и ревии на млади и афирмирани дизајнери.
Програмата ја отвори Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, каде своите колекции ги претставија студентите Рејхана Винца, Мирадије Селими и Дорунтина Каштанјева. Според организаторите, нивните дела покажале јасна конструкција, контрола на силуетата и чувство за материјал, како показател за сериозна и веќе оформена дизајнерска основа.
Посебен акцент на денот имаше јавниот разговор „3D и AI во модата“, реализиран во рамки на Erasmus+ иницијативата Green DigiFashTechManager, европски проект поддржан од Европската Унија, Green Land Group, Македонското модно здружение и Fashion Weekend Skopje. Во фокусот беа прашањата за авторството во време на вештачка интелигенција, трансформацијата на физичката облека во дигитален производ и новите граници на дизајнот.
Настанот беше проследен и со изложбата „3D & AI во модата“, која понуди увид во современите практики на спојот меѓу модниот дизајн, 3D технологијата и вештачката интелигенција. Во овој сегмент беше претставена и колекцијата “Deep Within – Hologram Collection” на Ангела Доневска, реализирана во соработка со Neonflex.mk.
Во рамки на соработката со Fashion Weekend Skopje, 17 студенти и алумни од Академијата за графички дизајн при Семос Едукација подготвиле повеќе од 33 креативни решенија за визуелниот идентитет на FWSK32, користејќи AI алатки и дигитални медиуми. Официјалната насловна визуелизација е дело на Едита Зекировиќ.
На програмата беше претставен и европскиот проект Just Fashion, презентиран од Даниела Милошеска од Bastet Noir, кој се фокусира на развој на одржливи модели на производство преку дигитални алатки, како виртуелна кастомизација и дигитално прототипирање.
Во завршниот дел од денот беше промовирана книгата „Облеката и модата, од историјата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ, а потоа следуваа ревии на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, како и на дизајнерките Марија Станојовска, Маригона Рахмани и Олгица Ѓоргиева, која се претстави со колекцијата „Metamorfosis“.
Со ова издание, Fashion Weekend Skopje 32 испрати порака дека модата во Скопје повеќе не се развива изолирано, туку преку вмрежување на дизајнот, технологијата, образованието и регионалната соработка. Настанот, според организаторите, ја потврдува позицијата на домашната сцена како простор што веќе не се гради експериментално, туку стратешки.