На Петроварадинската тврдина завладеа громогласната тишина – 40.000 луѓе замолкнаа за 16 минути во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Нови Сад. На бините имаше емотивни моменти и силни пораки – од песната „Freed from Desire“ од италијанската пејачка Гала, преку инспиративното гостување на светски признатиот мотивациски говорник Хенри Амар, кој на десетиците илјади луѓе им порача: „Не можат да ни ја земат слободата! ПУМПАЈ БРЕ!“.
Истата вечер на јубилејниот EXIT Фестивал беше изведен единствениот уметнички перформанс Emergency EXIT создаден во соработка со славната шпанска трупа Ла Фура делс Баус. Мултидисциплинарниот спектакл донесе спој на музиката, визуелната уметност и театарот преку впечатливи пораки за современиот соживот и односот меѓу човекот и природата.

Од главната и најголема фестивалска бина, пораките за слобода одекнуваа во текот на целата ноќ, а легендарниот музичар и активист за човекови права Боб Гелдоф и Д Бумтаун Ретс рекоа: „Стоиме со студентите, со промените, стоиме со иднината!“, додека италијанската пејачка Гала го истакна своето изненадување од свежата енергија во моментот кога стапна на главната Tesla Universe бина: „Кога се качив на сцената, бев изненадена – сè беше ново, свежо“.
Втората вечер, тврдината стана епицентар на сирова енергија со враќањето на легендарните Д Продиџи! Во текот на целиот настап, верните фанови со овации ги дочекуваа хитовите што обликуваа генерации, славејќи со бендот 30 години од нивниот прочуен настап во белградската сала Пионир. „Егзит фестивал, Србија – ова е наш шести пат да свириме тука. Свириме затоа што ве сакаме, ги сакаме овие луѓе. Вие сте секогаш таа енергија, таа бучава!“, објавија тие на својот Инстаграм профил, потврдувајќи ја нераскинливата врска со овие простори.
Последниот ден од фестивалот, 13 јули, беше обележан со незапирливата енергија на Секс Пистолс, предводени од Френк Картер, кој со повиците за поддршка на студентските протести во Србија покажа зошто панкот е сè уште неопходен! Слегувајќи од сцената во публиката, тој потврди дека легендарниот бенд добил фронтмен кој „не дошол во бендот да замени некого, туку да ја раздрма светската јавност“. Еден од најбараните француски музичари на сите времиња, диџеј Снејк, се придружи на јубилејната програма на главната бина и ги донесе глобално популарните хитови кои ги полнат арените и стадионите низ целиот свет.
EXIT 2025 заврши со четири часовниот мега-сет на владетелот Соломун, најдобриот начин да се затвори Exit Dance Arena и да му се каже збогум на местото кое 25 години беше дом на најдобриот и најголемиот фестивал на Балканот и пошироко.
фото: EXIT Photo Team