Поштетни отколку што мислите – 7 производи што е подобро да ги избегнувате

Овие 7 производи го зголемуваат ризикот од болести, прекумерна тежина и хемиски адитиви – дознајте кои се и зошто треба да ги избегнувате.

Сите знаеме дека брзата храна, грицките, газираните пијалаци полни со шеќер и слатките не се здрави, но новото истражување покажува дека штетата е уште поголема отколку што се претпоставуваше.

„Ултра-преработената храна се поврзува со штетно влијание врз секој главен органски систем во човечкото тело и претставува огромна закана за глобалното здравје,“ пишува Guardian за научните трудови објавени во списанието The Lancet. Податоците откриваат дека ваквата нездрава исхрана го поттикнува прејадувањето, предизвикува недостаток на хранливи материи во организмот и го зголемува ризикот од штетни хемикалии и адитиви. Редовната консумација се поврзува со послабо здравје и бројни болести – меѓу нив дебелина, рак и депресија.

Eкспертите сè уште не можат прецизно да утврдат што е најштетно – дали тоа се мастите, шеќерот и солта, или пак конзервансите, емулгаторите и другите адитиви што се користат во нивното производство.

„Доказите силно упатуваат на тоа дека луѓето биолошки не се прилагодени за консумација на ултра-преработена храна, која се пласира на пазарот со цел поголем профит на корпорациите. Исхраната се менува на глобално ниво и драстично ја потиснува свежата и минимално преработена храна“, предупредува Монтеиро. Eкспертите повикуваат ваквите производи да бидат јасно и видливо означени.

Најштетни ултра-преработени производи

1. Енергетски пијалаци

Иако производителите тврдат дека енергетските пијалаци ја подобруваат концентрацијата, редовната консумација го приморува срцето да работи побрзо и посилно, што може да предизвика сериозни здравствени последици, особено кај деца и млади.

2. Индустриски произведен леб

Покрај основните состојки (брашно, квасец, сол и вода), нездравиот леб содржи адитиви што го забрзуваат производството и го продолжуваат рокот на траење – како емулгатори, конзерванси и шеќер.

3. Нездрави житарици за појадок

Ако житарките содржат адитиви, конзерванси и вештачки бои, тие не ви прават никаква услуга. Обработката ги намалува влакната и хранливите материи, а го зголемува негативното влијание врз шеќерот во крвта и инсулинот.

4. Хот-дог

Претераната консумација на црвено месо го зголемува ризикот од болести на дебелото црево. Ако месото е дополнително преработено и содржи нитрати, многу заситени масти и сол – ризикот од срцеви заболувања и дијабетес уште повеќе расте.

5. „Лажно месо“ (вегански замени)

Веганските производи што ја имитираат текстурата, вкусот и изгледот на месото често се полни со хемиски додатоци. Затоа е важно внимателно да се чита декларацијата.

6. Пилешки медалјони (nuggets)

Во овие производи обично има многу малку вистинско месо, што значи дека и протеините се во мал удел. Остатокот се состои од скроб, масло, глукозен сируп, стабилизатори и бои – што резултира со висока количина масти, шеќер и сол.

7. Грицки од преработен компир

Чипс направен од компиров прашок, рафинирани масла, брашно, емулгатори, сол и бои е многу лош избор. Ако дополнително содржи и мононатриум глутамат, хидролизирани протеини и глукозен сируп – тогаш е целосно непожелен. Дополнителен проблем е што при подготовка на високи температури се создаваат канцерогени соединенија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни