Посетата на Фонтаната ди Треви повеќе нема да биде бесплатна

По Венеција и нејзиниот систем за влезници во градот, Рим станува следната италијанска дестинација што ќе воведе ограничувања за пристап до познатата фонтана.

Градските власти официјално потврдија дека од 7 јануари 2026 година, посетите на Фонтаната Треви ќе бидат предмет на задолжителна влезница, за туристите со надомест, а за жителите на Рим бесплатно.

Целта на новата мерка е да се зачува споменикот и да се намалат дневните толпи околу фонтаната, која е второто најпосетено место во градот, веднаш по Колосеумот. Одлуката доаѓа по низа инциденти во изминатиот период, вклучувајќи го и случајот со турист кој скокна во фонтаната, што дополнително го отвори прашањето за контрола и безбедност на оваа област.

Како ќе функционира новиот систем?

Според планот на Градскиот совет, областа околу фонтаната ќе биде организирана во две посебни зони – една за туристи и една за граѓаните на Рим. Постоечките бариери ќе бидат заменети со дискретни метални столбови, додека плаќањето на влезницата ќе биде можно и со картички.

Идејата ја иницираше градскиот секретар за туризам и големи настани, Алесандро Онорато, кој повторно јавно го поддржа проектот во последните месеци.

Колку чини билетот?

Влезот за жителите на Рим ќе биде бесплатен, додека туристите ќе плаќаат симболични 2 евра. Сите приходи од продажбата на билети ќе бидат инвестирани во одржување на просторот, контрола на протокот на посетители и вработување дополнителен персонал задолжен за редот и безбедноста.

Иако примарна цел е заштитата на спомениците, економските ефекти нема да бидат занемарливи. Според проценките на „Кориере дела Сера“, новиот систем би можел да донесе околу 20 милиони евра годишно. Само во првите шест месеци од 2025 година, повеќе од 5,3 милиони луѓе ја посетиле Фонтаната Треви – повеќе отколку што Пантеонот имал во целата 2024 година.

Година на прекумерен туризам

Оваа одлука е дел од поширок европски тренд за борба против таканаречениот „пренадувување“. Во текот на 2025 година, бројни европски метрополи се соочија со граѓански протести поради масовниот прилив на туристи, зголемувањето на цените, зголемувањето на кириите и намалувањето на квалитетот на секојдневниот живот.

Во овој контекст, потегот на Рим претставува прв сериозен обид хроничниот проблем со прекумерната посетеност да се претвори во поконтролиран и одржлив модел на управување со еден од најпознатите споменици во светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни