Поседувањето паметен телефон во предтинејџерските години поврзано со здравствени ризици

Колку децата се помлади кога ќе добијат паметен телефон, толку е поголем ризикот од дебелина и недоволен сон на 13-годишна возраст, покажуваат резултатите од ново истражување.

Поседувањето паметен телефон во раниот период на растење е поврзано со зголемен ризик од депресија, дебелина и недоволен сон, покажува голема американска студија, пренесува Reuters.

Во истражувањето биле опфатени повеќе од 10.500 млади од 21 сојузна држава во САД, кои биле анкетирани еднаш годишно во периодот меѓу 2018 и 2021 година. Истовремено, истражувачите проверувале дали кај нив се присутни симптоми на депресија, дебелина и дали спијат препорачаните девет часа во текот на ноќта.

До 12-годишна возраст, приближно две третини од децата веќе поседувале паметен телефон, наведуваат авторите на студијата објавена во списанието Pediatrics.

Во споредба со нивните врсници кои немале паметен телефон, овие деца имале 31 отсто поголем ризик од депресија, 40 отсто поголем ризик од дебелина и дури 62 отсто поголем ризик од недоволен сон, утврдиле истражувачите.

До 13-годишна возраст, децата кои немале паметен телефон на 12 години, но го добиле во наредната година, имале 57 отсто поголема веројатност да пријават симптоми на клиничка депресија и 50 отсто поголема веројатност да имаат недоволен сон, во споредба со оние кои и понатаму немале паметен телефон.

Истражувањето исто така покажало дека колку децата биле помлади кога првпат добиле паметен телефон, толку бил поголем ризикот од дебелина и недоволен сон на 13-годишна возраст.

„Нашите наоди укажуваат дека паметните телефони треба да се гледаат како значаен фактор кој влијае врз здравјето на тинејџерите. Одлуката да му се даде телефон на дете треба да се донесе внимателно, со размислување за можните последици врз нивниот живот и здравје“, изјави раководителот на студијата, д-р Ран Барзилај од Универзитетската болница во Пенсилванија.

Авторите нагласуваат дека студијата не може да докаже директна причинско-последична врска, односно дека паметните телефони се директна причина за овие здравствени проблеми. Тие посочуваат дека уредите нема да бидат поврзани со негативни исходи кај секој адолесцент.

„Наместо тоа, се залагаме за промислено разгледување на здравствените импликации, со балансирање на позитивните и негативните ефекти“, додава Барзилај.

Според него, за многу тинејџери паметните телефони можат да имаат и конструктивна улога, да ги зајакнат социјалните врски, да го поддржат учењето и да овозможат пристап до информации и ресурси кои го поттикнуваат личниот развој.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни